Македонското филмско небо изгуби уште една своја ѕвезда – вчера, на 69-годишна возраст, почина легендарниот театарски и филмски актер и продуцент, Данчо Чевревски.
Чевревски е роден на 17 мај 1951 година, во Скопје. Тој е дипломиран драмски актер на Факултетот за драмски уметности во Скопје. Подоцна, има специјализирано на УКЛА во Лос Анџелес.
Тој глумеше во многу македонски, но и југословенски филмови, меѓу кои: „Најдолгиот пат“, „Црвениот коњ“, „Трст виа Скопје“, „Тетовирање“, „Џипски меџик“, „Панкот не е мртов“, „Ова не е американски филм“, „Деца на сонцето“ и други.
Данчо Чевревски работеше и како професор на ФДУ, каде што беше и декан. Тој, меѓу се’ друго, е и еден од основачите на претпријатието за производство на филмови Триангл.
Во текот на својата кариера добил многу награди. Минатата година на 14. издание на Интернационалниот филмски фестивал „Астерфест“, му беше доделена наградата „Астер“, за исклучителни достигнувања на филмот.
Нека почива во мир!