Категории

Фото: Празнично бањање во Треска!?

На 03.01.2016 година, Си-Фу Предраг Петрески заедно со неколку членови на клубот „Стрела“ организираше капење на реката Треска.

Овој настан, кој се одржува на почетокот на секоја година, ВЧКФ клубот „Стрела“ го организира веќе 5 години наназад и истиот поминува во традиција.

Целта на капењето во ладните води на Треска во овој период од годината е јакнење на духот на секој практикант на Винг Чун Кунг Фу вештината.

Всушност, преку јакнењето на духот, со овој метод се јакне и телото на практикантот. Сифу Предраг ги уверува своите практиканти, дека секој оној што ќе го помине овој тренинг во текот на целата година ќе биде здрав.

Учеството во настанот не е морално за сите членови на клубот, туку само за оние кои предходно имаат поминато одреден период на тренинг во кунг футо и се базира на доброволна база, т.е. само тогаш кога практикантот ќе се осети способен за такво нешто. на Си-Фу Предраг ја застапува идеологијата за холистички тренинг на умот, телото и духот.

Па така, тој своите тренинзи ги обликува на балансиран начин, вклучувајќи стречинг, вежби за сила и издржливост, техника и секако Чи Кунг вежби. Општо кажано, Чи Кунгот го сочинуваат вежби за промовирање на животната енергија (која сите ние ја поседуваме) низ енергетските канали на телото, а преку фокусирање на умот истата може да се насочи кон одредени енергетски центри на нашето битие.

Фокусот го претставува најмоќното оружје во нашиот арсенал па така, со насочување на умот кон одреден енергетски центар човекот е способен да ја искуси природната состојба на психички мир и телесна опуштеност – при тоа прифаќајќи го текот на мисловниот процес и надворешните влијанија, но не превземајќи ништо со цел нивно спречување или борба со нив.

Капењето во Треска ја имаше токму таа цел, да се остане фокусиран на сегашниот момент, да се остане свесен за секој здив кој го земаме дури сме во водата и да научиме да го релаксираме телото и покрај ладното време.

Си-Фу Предраг Петрески и членовите на Винг Чунг клубот „Стрела“ Ви посакуваат среќни празници и успешна година.

Прегледи:
817
Објавено на:
06.01.2016