Љубовта е една од најубавите природни состојби во кои може да се најде човекот. Тоа што е тешко, е да се најде друга личност со која што ќе можеме да изградиме, а потоа и сочуваме квалитетен партнерски однос.
Преминот од “само јас” во “јас и ти “и конечно во “ние”, не е воопшто лесен, ниту бргу се случува. Нас никој не не подготвува за тој процес, па затоа учиме преку обиди и грешки, но нема човек кој не поминал низ некои болни искуства како што се потешкотии во воспоставување на блиски односи, отежната комуникација, прекинување на блиска врска, амбивалентни односи спрема партнерот, страв од давање и примање на љубов, несигурност, разочарување и страв.
Некои луѓе се поуспешни во пронаоѓањето на партнер и воспоставувањето на блиски партнерски врски. Во што тие се поразлични од другите? Теоријата за афективно поврзување на Болби нуди можен одговор на ова прашање.
Таа ја разгледува важноста на првите врски кои децата ги формираат со нивните родители и како тие го одредуваат внатрешниот модел за формирање на идните врски. Најчестиот облик на поврзаност кои децата го формираат со мајката, родителите или со некои други значајни блиски личности се нарекува сигурна поврзаност. Таа се развива кога родителите се чувствителни за детските потреби и доследно реагираат на нив.
Личностите кои во детството развиле сигурен образец на поврзување, во возрасниот период многу лесно формираат блиски односи со другите луѓе, притоа се чувствуваат задоволни и не чувствуваат страв од отфрлување или преголема близина. Градат автентични, отворени и пријателски односи со доверба и блискост. Имаат доживување на прифатеност.
Во партнерската врска негуваат квалитети на доверба и почит. Во однос на децата пренесуваат сигурност, доверба и топлина во контактот. Тие имаат најголема можност за воспоставување на квалитетни и долги врски.
Продолжува..
Напишано од Бојана Стојменовиќ, дипломиран психолог и семеен и системски советник