Категории

Претставата “Бакнати од сонцето” за одбележување на 3-ти декември – Меѓународен ден на лицата со попреченост

Претставата „Бакнати од сонцето“ која овој пат ќе биде одиграна по повод 3-ти декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, ќе имате можност да ја погледнете во недела, на 3-ти декември 2017 година, во Мала Станица, со почеток во 19 часот, а влезот е бесплатен.

Претставата е авторско дело на членовите на „Театар Пи“, Златко Митрески и Македонка Илиевска, и на актерите – лица со интелектуална попреченост од Дневниот центар „Порака“ – Скопје.

Во перформансот, учесниците преку игра, танц и иновативно користење на проектирани видео клипови, ги презентираат своите светогледи, говорат за нивните потреби, но и искажуваат една универзална љубов кон актерската игра, потребата за себе-изразување и потребата да бидат разбрани и прифатени од општеството.

[youtube url=”https://www.youtube.com/watch?v=e8w09omBj8Y” width=”500″ height=”300″]

„Одлично аранжираниот музички избор, на моменти енергичен, хаотичен, подоцна смирен, интроспективен, само служи да го потенцира чувството на исполнетост, заокруженост, и да го олесни комуницирањето на примарниот наратив на перформансот. И токму во моментот кога почнувате да мислите дека тоа што го гледате е премногу, дека сетилата Ви се задоволени до нивниот максимум, перформансот завршува. Многу може да се збори за театарот, но една од одликите на вистински добрите автори е тоа што знаат кога и како да ја затворат приказната – без претенциозност, без непотребно проповедање. Што се обидувам да кажам? Сакам да кажам дека екипата одлично гаѓа во целта. Накратко, Бакнати од Сонцето е можеби најдобрата македонска претстава која ја немате видено. Топло ја препорачувам.“ – Атанас Димитров, Радио МОФ

„Театар Пи“ и дневниот центар „Порака“ ќе продолжат да работат на следен креативен процес за нова претстава, па оттука, секоја финансиска и техничка помош е добредојдена.