Категории

„Продиџи“, Ал Ди Меола и ди-џеите Ники Ромеро и „Лост Фриквенсис“ на програмата на првото издание на „Ohrid Calling“

Концертите на на ди-џејите Ники Ромеро и „Лост Фриквенсис“ на 1 август, на светски познатиот гитарски виртуоз Ал Ди Меола на 13 и на атрактивните „Продиџи“ на 14 август се учесниците на првото издание на „Ohrid calling“, фестивалот осмислен како начин на промоција на туристичката понуда на Охрид.

На денешната прес-конференција по повод фестивалот градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека благодарение на позната продукциска куќа од земјата се реализира овој фестивал, како нов квалитет во културно-забавниот живот во градот и атракција за туристите.

– Сметам дека овој фестивал ќе биде само иницијален момент за поширока ангажираност на сите субјекти во градот и земјата во организација на туристичката и културната понуда на Охрид. Фестивалот е осмислен во иднина да привлече познати музички имиња од целиот свет, манифестација што ќе се развива од година во година, како атракција што ќе го направи Охрид регионален центар за концерен туризам, рече тој.

Денис Илиоски, претставник на продукциската куќа што е организатор на настанот, најважно е што фестивалот „Ohrid calling“ е фестивал на секој охриѓанец, секој македонец.

– На огромно задоволство со помош на Локалната самоуправа стартуваме со проектот „Ohrid calling“. Охрид ги има сите предуслови да покаже дека заслужвува ваков фестивал од светски калибар. Примерите на „Егзит“ во Нови Сад кој направи чудо во светски рамки и на сплитскиот „Супра“ фестивал кој минатата година ја спаси локалната летна туристичка сезона, се само потврда на светските искуства дека концертниот туризам зема се поголем замав, рече Илиоски.

Тој појасни дека доказ за квалитетот на содржините од годинешниот „Ohrid calling“ е продажбата на билетите, за кои веќе има голем интерес не само во Македонија, туку и во Србија, Бугарија, Албанија, Косово, Грција, а се најавени и големи тури со заинтересирани гости и од Велика Британија.

Позитивни се и реакциите на самите учесници на „Ohrid calling“. Ал ди Меола, како што беше истакнато на прес-конференцијата, е воодушевен што ќе свири на Античкиот театар, изјавувајќи дека со големо нетрпение го очекува настапот во Охрид, најавувајќи продолжен четиридневен престој во нашето најпознато летувалиште.

Од Локалната самоуправа уште истакнаа дека со добар маркетинг и промоција ќе биде упатен повик до останати светски продукциски куќи да бидат дел од организацијата на следните изданија на „Ohrid calling“ фестивалот.

Прегледи:
385
Објавено на:
28.07.2016