Категории

Промоција на „ПАТУВАЊА… ПАТОПИСИ… КНИГИ…“ нова книга на Лара Прокопиева

Во кафе-книжарницата Магор, на 29.03.2018, со почеток од 20 часот ќе се одржи промоција на новата книга есеи  „ПАТУВАЊА… ПАТОПИСИ… КНИГИ…“ на Лара Прокопиева, во издание на издавачката куќа Авант прес од Скопје.

Темата на оваа книга е истражувањето на жанрот патопис низ четири конкретни патописни дела. Преку нивна анализа се покажува неговата креативна адаптабилност, од една страна – преку средбата на индивидуалниот автор со новите културолошки и егзистенцијални сознанија, а од друга – преку преплетувања на две разнородни култури.

Патописот е книжевно-хибриден жанр преку кој авторот ни’ пренесува една подетална слика за градовите, земјите и за народите што ги посетил додека патувал и на тој начин ние ги запознаваме и подобро ги разбираме нивните различни карактеристики, традиции и обичаи.

Низ историјата, патописот како книжевен жанр доживува значителни промени во формата, но и во самата
суштина, што настануваат како последица на историскиот, општествениот и на  културниот контекст во кој  што дејствува авторот, односно, мора да се нагласи дека патописот не претставува само документарен приказ на едно место или патување, туку тој е книжевно дело и, како такво, тоа во себе ги содржи и уметничко емотивната и субјективната состојба на авторот во периодот на создавањето.

Токму таа врска меѓу субјективното доживување и историскиот документ е тоа што нè фасцинира и привлече да пишуваме за патописот, бидејќи кај него таа граница осцилира пред сè под влијание на поетичкиот и индивидуалниот свет на авторот, како и под влијание на историско-општествените и географски околности со кои тој се соочува на патувањето. Авторот ќе се обиде корелацијата меѓу овие елементи подетално да ја обработи преку четирите патописи што ги избра за обработка: „Патување низ Италија“ од германскиот писател Јохан Волфганг фон Гете, „Зима во Мајорка“ на истакнатата француска романсиерка Жорж Санд, „Писма од Норвешка“ на српската писателка и модернист Исидора Секулиќ, и „Дневниците на мотоциклистот“ на аргентинскиот марксистички револуционер, и писател Ернесто Че Гевара.

Д-р Соња Стојменска-Елзесер за книгата ќе издвои:

„Книгата есеи „Патувања… Патописи… Книги…“ од Лара Прокопиева преставува прецизно и методолошки кохерентно истражување, кое произлезува од изразениот афинитет на авторот кон патописот како поопшта
креативно-практична културолошка појава, а во тие рамки, особено кон книжевно-уметничкиот патопис. Целото свое истражување таа го заокружува со една оптимистичка претпоставка дека книжевниот патопис никогаш нема да ја изгуби својата популарност и дека и покрај настапот на нови медиуми и покрај модификациите на патувањата во масовен или друг вид туризам, класичната форма на патописот, кој во
уметничка форма ја преточува специфичната практика на патувањето, секогаш ќе има свои приврзаници и меѓуписателите и меѓу читателите.“

Прегледи:
824
Објавено на:
28.03.2018