Категории

Што се случува со градите кај бремените жени?

За време на бременоста, градите кај жените варираат од мали до премногу големи. Целиот тој процес е вистинска војна, градите можат да пораснат, да ја сменат својата форма и да почнат да лачат млеко на незгодно место и во незгодно време. За сите оние кои сонувале да имаат големи гради бременоста е одличен период да им се порадуваат, а и да ги покажат. Сепак после доењето, тие повторно ја менуваат својата форма и големина. Можат да станат и помали од претходно. За градите да пораснат, кожата која ги опкружува треба да се растегне. Ова растегнување може да го донесе и женскиот кошмар – стриите. Лекарите велат дека често се случува жените да завршат со многу помали гради откако ќе престанат да дојат. Ни брадавиците не изостануваат со промените. За време на доењето брадавиците се испакнати, подуени и потемни. После доењето тие спласнуваат малку повеќе. Сепак, со тек на време се враќаат во својата првобитна форма.

За се се виновни хормоните

На самиот почеток на бременоста во дојките се зголемува количеството на масно ткиво и протокот на крв, со цел да се помогне растот на млечните жлезди и канали. Градите стануваат поголеми и потешки, неретко отекуваат, а се јавува и проблем со преосетливост. За среќа се ова престанува по третиот или четвртиот месец од бременоста. Зголеменото ниво на естроген и прогестерон во бременоста доведува со раст на млечните жлезди и канали, односно на млечните клетки. По породувањето нивното ниво опаѓа, а со тоа почнува периодот на лактација т.е. лачење на млеко.

На почетокот на вториот месец се зголемува и нивото на лактоген, хормонот кој го лачи плацентата. Неговото лачење е важно за растот на дојките и брадавиците, како и за зголемувањето и потемнувањето на ареолите, односно кружниот дел околу брадавиците. Исто така се зголемува и нивото на пролактин, кој заедно со другите хормони е заслужен за забрзаниот раст на млечните клетки. Неговата главна улога е стимулација на млечните жлезди во периодот на доење, односно регулација на лачењето на млеко. Тој се нарекува и „мајчински хормон“, бидејќи во комбинација со хормонот окситоцин предизвикува потреба кај мајката да одговори на потребите на бебето (се раѓа мајчинскиот инстинкт). Во првите 48 часа од породувањето нивото на пролактин расте многу брзо подготвувајќи ги градите за доење.

Големина

Како резултат на зголеменото ниво на хормоните во телото може да се јави голема промена на градите. Растот на дојките обично се забавува или престанува на крајот на првото тримесечје. Но тоа може да продолжи и до крајот на бременоста, а големината на градникот може да се зголеми и за неколку броеви. Ако тоа не ви одговара внимавајте да не ја зголемите тежината премногу. Така барем делумно ќе можете да влијаете на големината на градите, но не можете ништо да направите во врска со хормоните.

Изразени вени

Поради прогестеронот кој ги опушта крвните садови низ нив тече многу поголемо количество на крв. Зголемениот проток на крв е неопходен за градите да бидат подготвени за доење. Но, тоа ги прави вените поистакнати што е особено видливо кај жените со светол тен. По породување, односно по престанувањето со доење се се враќа во својата првобитна состојба.

Брадавици и ареоли

Брадавиците набргу по зачнувањето стануваат многу осетливи, па и болни, ранливи, а можат дури и да крварат. Бидејќи изобилуваат со нервни завршетоци стануваат посебно чувствителни на допир. До второто тромесечие чувствителноста би требало да помине. Се препорачува нега со специјални кремови со ланолин, кој делува смирувачки.

Градите вообичаено по изостанувањето на ментруација набрекнуваат, додека брадавиците се зголемуваат и стануваат истакнати. Во второто тримесечје брадавиците и ареолите понекогаш се зголемуваат и за два пати, а такви можат да останат и попородувањето. Ареолите кои вообичаено се со дијаметар од два центиметри два месеци по зачнувањето можат да достигнат од три до шест центиметри.

До 12тата недела на бременоста кожата на брадавиците и ареолите почнува да потемнува бидејќи хормоните влијаат на пигментацијата стимулирајќи ги клетките кои произведуваат пигменти. Промените на бојата се индивидуални за секоја бремена жена, а се поистакнати кај жените со потемна коса и тен. Во другото тримесечје процесот на потемнување може да продолжи, па дури и до крајот на бременоста поради зголемената циркулација на крв. Неколку месеци по породување кај поголем дел од жените брадавиците го враќаат својот претходен изглед. За време на лактацијата ареолата е темно кафена, а потоа може да посветли, но не и да биде розева.

Создавање на колострум

Околу 16тата недела од бременоста, иако можно е и порано (околу 12тата до 14тата недела), а понекогаш и подоцна (на почетокот на третото тримесечје) градите почнуваат да произведуваат колострум, првото млеко на бебето. Таа жолткаста течност, богата со хранливи материи (протеини, маснотии, железо и други минерали), која се нарекува и „прва вакцина“ може да има специфичен мирис, а понекогаш и малку непријатен. Меѓутоа тој мирис е единствен, а вашето бебе ќе го препознае веднаш по раѓањето поради антителата кои го заштитуваат бебето од болести и инфекции. На почетокот е погуста, а како се ближи терминот за породување станува се поретка, бледа и речиси безбојна. Колострумот го обезбедува првиот оброк на бебето за здрав почеток на животот, пред да дојде млекото.

Понекогаш од брадавиците се појавува исцедок или доаѓа до спонтано лачење на колострумот, особено за време на масажа или сексуална стимулација на градите. Обично се работи за неколку милилитри, но вам може да ви се чини дека е повеќе. Не грижете се ако имате многу исцедок, или пак воопшто го немате. Тоа што не го гледате се до породувањето не значи дека го немате.

Видливите траги од колострумот можат да се спречат со употреба на газа или улошка, односно со специјални јастучиња кои впиваат. Ако ги ставите во градникот ќе го решите естетскиот проблем, а брадавиците ќе ви останат суви.

Опуштање

Кога станува збор за спречување на опуштањето на градите не можете да направите многу, бидејќи тоа е најмногу условено од генетските фактори. Одржувањето на стабилна тежина и носењето на градник кој им обезбедува добра потпора на градите може да ви помогне. За кремовите, лосионите и тониците кои обезбедуваат подигање на градите лекарите велат дека делуваат краткотрајно, односно може да се почувствува ефект на затегање, но тоа дејство поминува во рок од неколку часа.

Стрии 

Стриите се црвенкасти или виолетови линии кои се јавуваат кога колагенот и еластинот во кожата се растегнува до точка на пукање. Можат ли да се избегнат? Дерматолозите влеат дека и тука најголема улога игра генетиката. Постојат бројни препарати за спречување на стриите, а најдобри се оние кои содржат природна подлога, етирични масла и билни екстракти. Одлично се покажуваат невенот, камилицата, бадемовото масло, алое верата, маслинката, авокадото, природните восоци, ши и какоао путерот и восокот од пчели. Сепак од нив не може да се очекува чудо. Ефектот од нив е сосема индивидуален. Според истражувањата кожата на бремените жени може да се заштити со соодветна нега најмногу до 40%. Остатокот зависи од генетското наследство, природната еластистичност, начинот на исхрана и зголемените килограми. Неколку месеци откако бебето ќе се роди стриите избледуваат и постепено стануваат сребренкасто-сивкасти.

Поспородилни промени 

Во текот на бременоста растечкото ниво на пролактин иницира производство на млеко, но градите не создаваат вистинско млеко бидејќи естрогенот и прогестеронот ги блокираат рецепторите на пролактин. По породувањето нивото на тие хормони нагло опаѓа, а откако ќе се исфрли постелицата телото почнува да ослободува пролактин и окситоцин, односно им сугерира на дојките дека е време за производство на млеко. Дојките и понатака се стимулираат со цицањето на бебето кое делува нервите кои му праќаат сигнал на мозкот да ослободи пролактин и окситоцин. Обично се потребни два до три дена додека мајчиното млеко не почне да се лачи, па затоа бебето прво добива колострум. Откако млекото ќе потече градите можат значително да набрекнат, со присуство на чувство на тежина и болка.

Прегледи:
5202
Објавено на:
17.01.2016