Категории

Скопје, додека силно те сакам, имам најмалку 22 причини да те мразам!

grom-nevreme-dozd-rain-skopje

Тргнавме. И лани врнеше кога се враќавме од одмор, исто и сега. Крупен летен дожд, капки вода што паѓаат пребрзо за да ги изброиш. Си помислив ништо страшно. Момчево мое секогаш вели дека тоа е бериќет. Го отворив прозорот и гледав надвор. Беше преубаво. Морето мирно, сино, се разлеало до недоглед, а во него капки како зрна грозје паѓаат.. Прекрасна глетка која мораше да се овековечи. Го земав телефонот и направив неколку добри фотки. Гледајќи во нив си помислив колку е само убаво, дождот некаде е рај за очи и мир за душата. А не како кај нас! (Мислев на синоќешното невреме во Скопје за кое прочитавме вечерта, ама само за дождот кој што направил хаос низ улиците, и ништо повеќе. Само толку, дожд и сообраќаен метеж. Вечерта легнавме рано, затоа што утредента не чекаше пат, и не претпоставувавме што се случило)

Еј супер, сега ќе ги ставам сликите на социјалните мрежи и тоа баш со овој текст: “Некаде и кога врне е убаво!” Отворив фејсбук и … занемев, цела страна едно исто! Ми застана грутка во грлото, ми се стегна срцето, заборавив да дишам… “МВР потврди: Најмалку 15 жртви во синоќешното невреме”  Очите ми се наполнија со солзи, одвај изустив: “.. душо, синоќа… кај нас .. жртви…Скопје.. луѓе умреле… во невремето.. “

-Не зборувај глупости, какви жртви од дожд! Што плачеш, не е можно, не читај бош сајтови.

-Вистина е. Од луѓе на место ми е информацијата. Погледни..

Молчевме. Јас тивко плачев. Сакав да прочитам што се случило, ама не можев.. (Не, не, не можам да читам, којзнае што се случило, и така се вознемирив, а не чека долг пат.. не знам што да правам.. каква иронија, ме тресна од земја: “Некаде е убаво и кога врне” .. уф како можев да знам…)

Додека јас се мислев, влеговме во друга мрежа, немав повеќе интернет. Ме јадеше јанѕа што се случило со тие луѓе, како е можно, дожд, невреме, главен град? Толку прашања, а немаше кој да ми ги одговори. Каде загинале, како? Немој случајно некој познат, не дај боже близок.. леле не! Kако да ме беше фатил некој за врат и не можам да дишам.. Не, не, никој не се јави, никој не ни кажа ништо, сигурно нема ништо. Лошиот глас далеку патува. Можам да бидам мирна. Но, како? Колку сум себична само јас? Некој близок? Некој мој? А чии се тие луѓе што умреле? Чии мајки, сестри, чии деца се тие? Кого тие имаат, и кој ги нема нив повеќе? Солзите ме стасаа повторно. Се погледнаа два пара насолзени очи. Две раце се стиснаа на момент. Ништо не рекоа, а сè си кажаа.

Само сакав да стасаме побрзо дома. Дома. Убаво ни беше и таму, ама ни фалеше градот наш, воздухот нечист, сообраќајниот хаос, барањето место за паркинг и помирувањето дека пак нема. Ни фалеше мирисот од контејнерот пред зграда во кој со денови стои лубеница. Некултурата на уличните минувачи. Безобразните разгалени деца. Сепак ни фалеше. Тој мирис таму, таа храна, таа смеа, тоа секојдневие, луѓето што ги сакаме таму. Уште од претходниот ден се договоривме, каде прво ќе одиме, каде ќе јадеме, каде ќе пиеме кафе..

И сега ти Скопје, вака ли не пречекуваш? Зошто ти Скопје, не можеш да бидеш убаво кога врне? Зошто? Ми се смачи од размислување, ми се смачи од помислата за дома, што не чека утре? До кога вакви работи ќе му се случуваат на мојот народ? Што е следно? Зошто ова се случува, кој е крив? Ме бодеа прашањата во стомакот и ми се превртуваа цревата од сценаријата што ми се вртеа во глава- како се случило тоа?

Патот скржаво ги делкаше километрите, ми се стори вечност. После саати и саати мачно возење, конечно стигнавме на македонска граница. Веднаш ги ставивме телефоните на мрежа и чекавме. Немаше ништо. Ниту порака, ниту пропуштен повик. Веќе беше доцна навечер. Влеговме во Скопје, семафорите немо ги менуваа боите, одвај неколку автомобили сретнавме додека стасавме дома. Улиците празни, тивко, мрачно и мачно. Стигнавме. Немаше струја во зградата, не работеше лифтот. Натоварени се искачивме по скали. Ги оставивме работите и се фативме за работа. Телевизор, компјутери, вести … Веќе беа повеќе од 15.. “21 лице официјално го..“ насекаде беше тоа, на сите телевизии (освен на оние кои имаа предвидено музика за развеселување на луѓето, будење со песна и сл), на сите сајтови, на сите социјални мрежи. И сите различно кажуваа, секој со своја приказна, но едно беше исто: ЛУЃЕ УМРЕЛЕ ВО ПОПЛАВА ВО 21-ви ВЕК ВО ГЛАВЕН ГРАД! Тоа никој не можеше да го промени. Никој. Прочитав, слушнав, видов, но пак не разбрав. Како умреле луѓето? Како у пм?!

poplava_2

Преморени од патот, од вестите.. си легнавме. Само што ги затворив очите, ги отворив кога се сетив дека некој вечерва нема каде да спие. И утре ќе нема. И задутре. Некој веќе никогаш нема да спие во својот кревет, во своето легло. Во својата куќа. А некој дека заспал засекогаш. Ги стегнав забите, го нурнав лицето во перницата и таму ги удавив солзите.

Се разбудив рано. Веќе ги видов донациите, и отворените телефонски линии и пунктовите. Веќе го знаев планот за тој ден. Дониравме, отидовме да купиме што треба и со кесите во раце, со кренати глави, а свенати погледи чекоревме бавно. Една рака се испружи, друга се подаде: “Благодарам- со насмевка ми рече” .. –Не, јас ти благодарам, на сите ви благодарам.. Се завртев брзо.. повторно некаде на пола пат се сретнаа оние два пара насолзени очи, сега се насмевнаа срамежливо: “Спокојна си сега? “ Само климнав со главата.

Бев, или можеби и не бев. Можеби само за момент. Толку е потребно да ти се смени животот. Еден момент. И ништо да не е како порано. Еден момент да ти се сруши животот врз глава, и тоа буквално! Еден момент да изгубиш се што имаш. Еден момент за цел еден живот. Колку вреди еден живот? Од она што се случуваше наредните денови, многу малку, малку вреди еден човечки живот.

Поминаа денови, се расчистуваше нередот, млади луѓе вредно деноноќно работеа. Луѓето донираа колку можеа, и секоја капка значеше многу, оти и морето го чинат капки. Другата страна на брегот нема да ја коментирам. Другата страна на медалот се извалка. Валкана секогаш и била. Скопје чмаеше немо. Многупати го прашав: “Зошто?” Многу одговори побарав, но Скопје само молчеше. И небото траеше кога и да погледнев нагоре. -Што ти згреши Скопје? -го прашував. Не добив ни еден одговор. Ниту зошто тие луѓе умреа, ниту како? Вистината ја закопаа заедно со нивните несреќни тела.

Скопје, додека силно те сакам, имам најмалку 22 причини да те мразам!

obikolnica-1

Белешките на една Алиса.

Прегледи:
708
Објавено на:
21.08.2016