Вчера започна традиционалниот Вевчански карневал, кој воедно е и најстариот карневал во Македонија. Како и секоја година, така и оваа на карневалот можеа да се видат учесници со оригинални и разновидни маски.
Ѓаволи, ангели, нацисти, политичари, ковид сертификати беа дел од маските кои на хумористичен начин ја прикажаа годината која што измина и сето она што го донесе со себе.
„Имаме различни маски, секако постои пародија. Преку маските можеме да ја погледнеме целата година која измина и сите нејзини позитивни и негативни страни. Овие маски немаат за цел никого да навредат, ниеден народ ниту религија. Единствената цел е да се претстави изминатата година преку пародија“, појасни градоначалникот Кочоски.
Преку карневалот Вевчанци ја слават Старата Нова година, а маските и ритуалите им служат да го избркаат злото. Програмата вчеравечер продолжи со Перо Бели, Елена Јовческа, Сања Ристеска и Дамјан Стојаноски, а точно на полноќ традиционално со огномет вевчанци ќе ја дочекаат Православна Нова година. Околу 3 часот наутро одат да ја светат водата на Вевчанските извори.
Вевчанскиот карневал ќе заврши денес со последното василичарско оро и палење на маските.