Велики Петок е најтешкиот ден за христијанските верници, затоа што токму на тој ден бил распнат Исус Христос. Затоа овој ден се нарекува и Црн петок.
На Велипеток, верниците во црквата се честат со леб, пипер, и сол. Некои луѓе јадат стоејќи, а други ништо не јадат цел ден сочувствувајќи со распнатиот Исус. Тогаш се оди во црквата каде што оставаат дарови на Распетието Христово, а цвеќето на „плаштеникот-оплакувањето Христово“. Секој што тука остава цвеќе зема друго и го носи дома за здравје.
На Велики петок во црквите се изведува и обредот симболично погребување на Исус Христос. Тоа се прави на тој начин што платното наречено „Плаштеница“ се положува врз посебно подготвен симбол на Христовиот гроб. Поминувајќи под Плаштеницата верниците сочувствуваат со распнатиот Исус. Исто така, се поставува и “„Распетието Христово“ (крстот на кој е насликан распнатиот Исус) пред кое верниците се поклонуваат и Исуса го бакнуваат во раните на нозете.
Некои, саботата пред празникот, наречена Велика сабота, за празник ја сметаат само додека се во црквата, а потоа може да се работи. На овој ден се прават последните подготовки за празникот, се чисти куќата и се готви храна. Во Мариово жените ги переле појасите верувајќи дека не ќе ги боли половината во текот на годината кога ќе копаат и жнијат.
Вечерта, околу полноќ, се оди во црквата каде што секој носи црвено јајце.
Во Радовиш носеле и свеќа и зелено гранче или цвеќе, а свеќата запалена од свештеникот ја носеле дома и со неа го запалувале огнот. На полноќ сите присутни со тропарот „Христос воскресе“ три пати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршкаат со црвените јајца и се омрсуваат.
На малите деца во саботата навечер под перницата им ставаат црвено јајце што им го даваат утрото во неделата кога ги водат во црквата.
На Велигден, рано наутро, сите брзаат во црквата да чујат Христос воскресе и да се причестат. По литургијата во црквата се оди на гробишта каде што се остава по едно јајце на гробовите, за и на мртвите да им се каже дека дошол Велигден.
Уште рано наутро децата, убаво облечени, одат по куќите да го честитаат празникот за што добиваат по едно црвено јајце.
Посебна радост претставува обичајот кршкање со јајцата. Притоа тој чие јајце ќе победи му го зема, му го печали или типосува јајцето на другиот што се скршило. Утрото и младоженците одат на честитање кај роднините, а девојките и ергените се подготвуваат за на оро.
Со Велигден се поврзани и други обичаи и верувања. Така на пр. утрото пред да се оди во црквата не смее ниту да се пуши, ниту да се пие кафе. Во некои места кога домаќинот одел во црквата носел и семе од свилена буба за подоцна бубите да не можат да бидат урочени. И кога утрото се истерува стоката на пасење се допира со црвено јајце за здравје.