Категории

Во миговите кога сме среќни да не заборавиме кои сме биле и да ја пронајдеме силата во себеси – за да продолжиме понатаму, останувајќи будни за сопствената вредност

Животот е духовно патување на кое подеднакво треба да ги цениме и миговите на среќата и миговите на болката и очајот, затоа што сето тоа во синергија го сочинува нашиот куфер или багаж од животните искуства, мудроста, емоциите и чувствата, кои го одредуваат нашиот духовен идентитет и ни помагаат да останеме сеприсутни Сега и Овде – длабоко свесни за себеси и сопствената вредност како и за изминатиот животен пат по кој сме чекореле.

Среќата и несреќата се како плимата и осеката. Во моментите на затишје кога уживаме во плодовите на среќата, треба да знаеме како да ја ублажиме радоста. Способноста да можеме  ја ублажиме радоста е многу побитна отколку способноста да ја ублажиме болката кога сме тажни и очајни.

Кога сме среќни не треба да заборавиме на изодениот или изминат животен пат. Чувството на среќа не смее да нè обземе во толкава мера што ќе дозволиме да го занемариме тешкиот и напорен пат по кој сме чекореле понекогаш и без здив за да стигнеме до привременото одредиште (до привремената “цел”) – среќата, која е само попатна станица во нашата животна приказна.

Затоа кога го славиме постоењето и кога душата ни се бранува со чувството на неизмерна среќа и радост, треба да запреме за миг и со една воздишка да го благословиме денот, да се помолиме на Бога и да се заблагодариме за дарот на животот и судбината, а потоа со бавни и сигурни чекори да продолжиме понатаму свесни за тоа кои сме биле и кои сме сега – со надеж во срцето и визија за тоа кои сакаме да постанеме утре.

И секогаш на тој начин одново и одново да копаме во богатата ризница на изминатите искуства само за да останеме будни за сопствената вредност и да не заборавиме на целта – смислата кон која сме се упатиле со бродот на животот како кон крајна дестинација.

Среќата е само нашата крајпатна станица – оаза на мирот во која нашата душа само за миг ја бара својата починка и пие од изворчето на радоста, гаснејќи ја својата жед предизвикана од талкањето низ пустината на животните премрежија – само за да може да продолжи по патот кон она што и е судбински наменето како мисија во овој свет.