Категории

“Среќа е да се прифатиме себе си”- за убавината и уметноста со Ема Талевска

“Секој човек е уникатен сам по себе и има нешто што го карактеризира. Таа уникатност е тоа што мене ми остава најголем впечаток и секогаш уживам да ја пренесам на дигитално платно или на хартија.” – сподели со нас младата и талентирана Ема Талевска.

Доколку сте љубители на уметноста, вреди подобро да се запознаете со Артедора – “Бидејќи вие сте ремек дело”.

Неодамна на фејзбук и инстаграм се појави профилот Артедора – место каде што може да забележите прекрасни портрети и илустрации од познати личности како: Rihanna, Gigi Hadid, Johnny Depp и многу други. И доколку сте се запрашале: Дали може и вие да добиете дигитален портрет по желба ? – Одговорот е да.

Позади прекрасните дела на Артедора се крие Ема Талевска. Ема има 21 година и е студент  на Техничкиот факултет во Битола, отсег графичко инженерство и дизајн. Иако е на самите почетоци од својата кариера, таа несомнено знае да ви го привлече вниманието преку нејзиниот автентичен пристап кон отсликувањето на емоции, кои ретко кого оставаат рамнодушен. Па, покрај тоа што сакавме да ве запознаеме со нејзините дела, решивме да ве запознаеме и со Ема, нејзината инспирација, уметнички дух, идни планови и предизвици во иднина

Како би се опишала себе си ?

Се сметам за уметник во секоја смисла на зборот. Уживам во дизајн, музика, цртање творење и се што е поврзано со креативниост и уметност. Уметноста е професија за која треба голема упорност , издржливост и амбициозност . Се сметам за креативец и перфекционист кој со неизмерна љубов го работи секое свое дело и ќе се потруди вашата илустрација да ја усоврши до најситниот детаљ.

Од каде извира твојата љубов кон цртањето ?

Со оглед на тоа што моите цртежи се ориентирани главно кон луѓето, мојата инспирација ја црпам баш од нив . Отсекогаш сум била фасцинирана од човековата убавина. Секој човек е уникатен сам по себе и има нешто што го карактеризира . Таа уникатност е тоа што мене ми остава најголем впечаток и секогаш уживам да ја пренесам на дигитално платно или на хартија. Човековата насмевка , поглед, израз и карактер е тоа што се трудам да го доловам бидејќи на тој начин моите илустрации го добиваат нивниот дух. Се што правам правам преку луѓето и за луѓето, а нивната среќа и задоволство е најголемата награда од секој завршен проект и нарачка , која ме мотивира и инспирира и понатаму да творам.

Како се менувале твоите техники на цртање низ годините?

Отсекогаш цел ми било да го доловам човечкото лице во најреално можно светло . Да се претстави лик со сите свои црти, емоции и карактер е мој предизвик и цел. Единствено нешто што се менувало низ годините е медиумот на кој јас творам. Најпрвин тоа беше на хартија или платно, но со развојот на технологијата се развива и уметноста. Најмногу креативна слобода наоѓам позади компјутерот креирајќи дигитално. Во дигиталната уметност се пронајдов себе си како еден модерен уметник. Можностите се бескрајни се што ви треба е само имагинација и љубов кон она што го создавате.

Што претставува Artedora за тебе, како се одлучи за ова име ?

Артедора за мене е услуга која е ориентирана кон луѓето. Секој заслужува уметност кој ја овековечува неговата убавина , “бидејќи вие сте ремек дело” – како што вели и нашиот слоган. Често луѓето кога ќе видат што јас творам се воодушевени но јас сум само некој кој успева да ја долови вашата убавина на вистински начин. Артедора освен тоа што е место за вашата илустрација е место и за инспирација. На нашиот инстаграм профил освен што ќе наидете на илустрации, ќе видите и дигитално едитирани примери за тоа како една илустрација може да се вклопи во вашиот домашен простор. Ова може да послужи како ваша инспирација при изборот на слика и бои .
Во врска со името, како што позади секој човек и илустрација има приказна така има и позади името АРТЕДОРА. Произлегува од италијанското “Arte D’Oro” што буквално преведено е “златна уметност”. Уметноста за мене од секогаш била “Златна” и многу важна.Таа е начин на кој се изразувам. Уште од најрана возраст е главното нешто што ме карактеризира. Призма низ која го гледам светот, ме опишува и обликува.

Колку време е потребно за изработка на еден дигитален портрет?

Иако се работи за дигитална уметност, трудот и времето за изработка не се многу помали од тие што се вложени во традиционална уметност. За секој портрет е потребно концентрација, труд, трпеливост и работа на најситни детали, како и многу љубов кон истото. Освен илустрирање, особено внимание и време посветувам и на паковање и урамување што допринесува за финалната убавина на делата. Времето варира од илустрација на илустрација и од деталите кои се опфатени. Поконкретно времето за изработка се движи од 4 до дури 15 часа за илустрации со повеќе детали и повеќе ликови. Секако за најдобар резултат, тие работни часа ги распределувам во неколку денови, па вашата нарачка би била готова за 3 до 5 дена.

Што претставува среќа за тебе ?

Тоа што го работам и студирам ме исполнува и ме прави многу среќна . Среќата доаѓа и од луѓето со кои се опкружувам и позитивната средина. Но за мене среќата е нешто многу повеќе од тоа. Таа е поглед кон светот и способност да уживаме во секојдневните животни предизвици. Среќа е да се прифатиме себе си, другите и околностите, такви какви што се и да се стремиме кон подобро и кон личен развој. Среќа е да направиме најмногу што можеме со тоа што ни го доделил животот. А тоа е и една од моите цели. Да ги натерам сите да се прифатат и да ја видат убавината во себе си бидејќи сите сме убави на свој начин. Да излезат од шаблонот и стандардите за убавина кои ни се наметнати. Наместо тоа да вложуваат во себе си и да се градат како личности. Да се свртат кон себе си со љубов и разбирање и таа љубов и разбирање да ја споделат со другите. Бидејќи љубовта се множи кога се дели.

Како човек што неизмерно ги сака луѓето сакам да покренам свесност за тоа колку е важно да се сакаме и цениме пред се самите, а потоа и останатите. Среќата и заоволството иако често ги бараме во околностите, се наоѓаат длабоко во нас само треба трпеливо да ги бараме. Среќата е патување а не дестинација.

Во идинина може да очекуваме уште многу интересни проекти од нејзина страна, а во меѓувреме останете во тек со нејзините изработки и следете го инстаграм профилот @artedoraillustrations и фејзбук профилот Artedora

Ти благодариме за се што сподели со нас, навистина е среќа што те имаме. Ти посакуваме многу успех во иднина и со нетрпение ги очекуваме твоите најнови дела.