Категории

Живеам во кутија од која не можам да излезам. Не се жалам, само кажувам.

„Кутија“

Живеам во кутија од која не можам да излезам. Не се жалам, само кажувам. Не обвинувам никого, освен себеси. Живеам во кутија со четири ѕида околу мене и тие се мојата најголема заштита. Никој не може да разбере како е да живееш во кутија, освен оној кој навистина живеел во една. Некои работи изгледаат полесни отстрана, тоа е реалноста. И тоа е најтешкиот дел за дискусија.

Во оваа кутија се’ што се случува се случува со причина, но истовремено и без никаква цел или смисол. Во оваа кутија има милион прашања на кои си должен да одговориш, има милион провокации и секакви предизвици. И сето тоа би било сосема во ред додека резултатот навистина би постоел. Овде работите завршуваат уште многу одамна, овде ништо не се случува, овде и она што ќе се случи е сосема нереално, овде не се знае вистината и не може да се препознае лагата.

Во оваа кутија се губат сите квалитети, сите амбиции, сите соништа исчезнуваат. Воздухот го снемува, не можеш да дишеш, се помируваш со истото, забораваш да дишеш со отворени гради, забораваш да живееш.

И сето тоа за на крајот да си го поставиш прашањето: „Зошто не излезам од оваа кутија? Зошто не ја напуштам? Зошто не го променам тоа кое не ми се допаѓа?“

Затоа што не е лесно.

Затоа што е процес.

Затоа што промените доаѓаат тогаш кога ќе престанеме очајно да сакаме да се промениме, а животот се случува тогаш кога ќе престанеме да планираме како ќе го живееме и едноставно живееме.

 

Ксенија Николова