Категории

Животниот пат на Карла Бруни: Од супермодел до првата дама на Франција

Некогашната прва дама сакала да биде архитектка, но во меѓувреме се вљубила во манекенството… Третата сопруга на контроверзниот политичар и поранешниот француски претседател Николас Саркози сфатила, како што вели дека можеш да бидеш верен само на една личност, доколку таа личност е вистинската.

Станува збор за Италијанката Карла Бруни, поранешна манекенка, пејачка, актерка и наследничка, со која Саркози се ожени во 2008-та година, додека беше на функцијата претседател, а во текот на мандатот, 2011 година ја добија и ќерката Џули.

Кога имала осум години, нејзиното семејство се плашело дека е загрозено од Црвената бригада, ултра левичарска терористичка организација, па затоа се преселиле во Франција. Бруни средното училиште го завршила во Швајцарија, па потоа отишла во Париз да студира уметност и архитектура, но набргу го напуштила факултетот поради манекенската кариера.

На ревиите се појавувала заедно со Наоми Кембел, Линда Еванџелиста и Криси Тарлингтон, а ја ангажирале сите најголеми дизајнери. Била во топ 20 најплатени манекенки во деведесеттите.

Се дружела со музичари, а јавно говорела и за љубовните афери со Мик Џегер и Ерик Клептон.

Тогаш веќе знаела, како што кажува, дека сака да пишува песни, но и да ги изведува. „Пред ревиите, помеѓу шминкањето и облекувањето, го читав Достоевски“, изјавила во едно интервју. Тогаш и јавно говорела како смета дека луѓето не се створени за „моногамија“, што подоцна по стапувањето во брак со Саркози го демантирала.

 

„Не бев неискрена, тогаш тоа беше мојот став и уверување. Немаше ништо лажно тука, само подоцна го пронајдов својот маж и станав како и секоја друга жена, малку љубоморна и посесивна“, изјавила тогаш Бруни и малку ги разлутила обожавателките.

Нејзиниот прв албум се издава во 2000-та година, а најуспешниот, наречен “Quelqu’un m’a dit“, во 2001-та година. На него се наоѓа и песната „Raphaël“ посветена на нејзиниот поранешен љубовник како и татко на нејзиниот син Аурелиен. Карла наводно, најпрво била љубовница на неговиот татко, новинар, а потоа се заљубила во синот, иако таа тврди дека со таткото била само на неколку вечери.

Со претседателот Саркози, Бруни се запознала зимата во 2007 година, а се венчале само неколку месеци подоцна, кога бил финализиран неговиот развод со втората сопруга. Бруни дотогаш отворено зборувала дека доаѓа од семејство кое секогаш традиционално гласа за левицата и дека никогаш не би можела да гласа за десничар. Тврдела дека на Саркози тоа воопшто не му пречи. Но, откако добила своја канцеларија и асистент, започнала да патува со сопругот.

По венчавката со Саркози, кој овие денови е уапсен поради примање пари за претседателската кампања од диктаторот Гадафи, Бруни медиумите ја развлекувале по насловните страни поради полуголите фотографии од ерата кога сеуште била манекенка и аферите со познати мажи, но анкетите набргу покажале дека просечниот Французин е горд на тогашната прва дама на Франција.