Пролетта веќе пристигна, а со неа и потребата за промена на гумите на автомобилот. Зимските пневматици треба да се заменат со летни бидејќи истите не се соодветни за топлите денови кои престојат.
Летните и зимските гуми се така наречени со причина. Главната разлика помеѓу овие пневматици е во нивниот состав. Зимските гуми се помеки и при ниски температури се многу подобар избор од летните, додека летните гуми се потврди- но подобро се прилагодуваат на топлиот асфалт.
Кога топлото време ќе пристигне и температурата ќе надмине 15 степени- зимските гуми се премеки за возење.
Нивната употреба во топлите денови може да доведе до следните проблеми:
- Зимските гуми при високи температури се трошат побрзо и може да се оштетат до степен да станат неупотребливи.
- Кочењето со зимски пневматици во текот на топлите денови е многу полошо и може да доведе до нерамномерно и опасно кочење кое може да ја загрози безбедноста во сообраќајот.
- Заради големата мекост, зимските гуми при летни температури знаат чудно да се однесуваат во кривини и да доведат до излизгување на автомобилот.
- Ако долго време ги возите по врел асфалт, зимските гуми можат да се „испечат“ и да ги изгубат своите меки својства, што значи целосно да ја изгубат функцијата на зимски пневматик.