Категории

Зошто детето не сака да заспие

Одењето на спиење на таа возраст е вистинска драма за мајката бидејќи детето не сака да заспие. Обидете се да разберете дека најверојатно си имате работа со дете кое преку ден не добило доволно време со мама и за да заспие за него значи да се одвои од нејзе, а дури сега дошла од работа. Сите обиди да го наговорите само го тераат да остане будно за мама пак да не му отиде. Тоа е како да бркаме жеден човек од извор на вода – што повеќе го бркаме толку повеќе тој се плаши дека нема да се напие. Често мајките сведочат како детето пред спиење непрестано повторува и ја повикува мама, што е најверојатно знак дека не е потполно сигурно дека мама ќе биде тука и дека тоа не ја видело доволно дента. Дури кога детето ќе биде сигурно во присутноста на мајката и поврзаноста со неа полесно ќе се одвои од неа и ќе заспие. Убедувањето да заспие само му го зголемува алармот и придонесува да остане будно подолго време. Тогаш детето предложува да одите со него во дневната соба, има стотина идеи за играње, а во основа станува збор за потреба да почувствува блискост и поврзаност со мама која ја очекувало цел ден или пак е незадоволно од количината на неjзината вистинска присутност кога била физички со него па сака да го надокнади тоа.

Потребите на детето

Мораме да бидеме свесни за фактот дека некои деца се хиперсензибилни, со поголеми потреби кои просечниот родител не може да ги задоволи. Непријатноста што ја чувствува детето го тера да плаче, станува напорно, и постојано бара нешто и настојува да ги натера родителите да му го дадат она што чувствува дека треба да го добие и без кое чувствува болка. Кога ќе пораснеме, за тој вид на болка велиме дека нé боли срцето или душата и посочуваме на градите. Ако родителот не преземе нешто во врска со себе и не ја исполни потребата на детето за него, обично посензибилните деца подигнуваат внатрешна одбрана поради болното чувство за контакт кој не можат да го остварат. Детето тогаш се оддалечува од родителите, помалку им верува, станува послушно поради страв од казна или мотивирано поради награда, а не поради тоа што навистина го сака. Исто како што возрасен човек има проблеми во врските со другите, особено со партнерот, бидејќи не успева повеќе да се отвори емоционално и да оствари вистинска блискост.

Некои деца добиваат чувство дека не добиле доволно и носат во себе, исто како и возрасните, чувство на незадоволство и функционираат со постојана потреба за блискост и бараат од околината и партнерот да им се даде целосно. Други деца, оние посилните, развиваат животен став дека блискост всушност и не им треба бидејќи им е неприфатливо повторно да ја почувствуваат таа болка. Тие поминуваат низ животот дистанцирани од вистински контакт со другите и со сопствените емоции.

Напорен ритам на живот

Проблемите околу заспивањето на детето се симптом дека нешто треба да промените кај себе или во својот ритам на живот. Кога мајката ќе го промени дневниот ритам, ќе се посвети на детето и ќе му даде чувство на смиреност, тоа се смирува и на спиење оди со ставот дека мама ќе биде покрај него цела ноќ и наутро повторно ќе бидат заедно. Детето тогаш се опушта и проблемите со спиење исчезнуваат. Но за тоа да делува промените мораат да бидат од срце. Во спротивно, детето ќе го почувствува тоа и нема да ви верува.

Таквиот однос на некои родители може да им делува како малтретирање и угодување на детето, но ако ги разбереме краткотрајните и долготрајните поволности од тоа, не само за детето туку и за родителите, можеме мирно да кажеме дека се исплати.

Јасно е дека денес родителите се растргнати помеѓу работните, финансиските обврски и потребите на детето па не можат да постигнат се. Но тогаш барем го прифаќаме фактот дека проблемот не е во децата туку во начинот на живот и ритамот на живот чии жртви се и децата и родителите. Разбирањето на тие факти помага правилно да се поставите во однос на проблемите кои ги имате околу децата.

Овие сознанија и идеи го прават родителството полесно,но и развојот на детето го прават поквалитетен.

Содржината е преземена од SeZaDeca.com.

Оригиналната содржина, како и многу повеќе содржини погледнете ТУКА

1 2 3

Прегледи:
2069
Објавено на:
17.05.2016