Категории

Зошто косата ни белее?

Секое влакно се состои од два дела: еден дел е тој кој го гледаме и расте надворешно, а другиот дел е коренот, кој се наоѓа под кожата на главата и цврсто го држи влакното.

Ткивото кое го опкружува коренот се нарекува фоликул. Содржи клетки со пигмент во различни количини кои произведуваат меланин, кој е одговорен за бојата на косата и дали таа ќе биде во потемна или посветла нијанса. Клетките со пигмент кои се наоѓаат во фоликулот угинуваат со текот на годините. Колку помалку меланин има во фоликулот- косата е посветла, бела, сребрена и сива, затоа што коренот нема доволно меланин за да ја одржи темната боја на косата.

Косата не белее само во старата доба, туку и во младоста, во 30-тите, 40-тите, но и во 20-тите години. Во тие случаи косата белее заради генетски причини, што значи дека косата на детето ќе почне да белее приближно во истите години во кои почнала на неговите родители. Откако ќе се појави првото бело влакно, потребни се околу 20 години за косата целосно да побеле. Генетиката е најчеста причина за седа коса, но исто така влијаат и некои други фактори како што се лошото здравје, земањето на помалку хранливи материи, слабокрвност, недостаток на витамин Б, проблеми со функцијата на штитната жлезда итн.

Пушењето исто така влијае бидејќи ја намалува количината на кислород во телото. Луѓето кои земаат терапија против ХИВ и тумори исто така се соочуваат со овој проблем. Некои луѓе веруваат дека и шок, напнатост и стрес може да предизвикаат белеење на косата, но со тоа не се сложуваат научниците. Уште некои од причините за седа коса се климатските промени и загадувањето на природата.