Категории

Зошто Мрзливците се „мрзливи“?

На сите ни се познати слатките Мрзливци. Нивниот невин изглед ни ги топи срцата, а тоа што се неверојатно бавни или „мрзливи“ како што ги категоризираме, ги прави посебно интересни.

Можеби некои луѓе би се поистоветувале со нив во деновите кога навистина не им се прави ништо, дури не сакаат ни рака да пуштат за да го достигнат далечинскиот управувач. Се пронаоѓате?

Покрај осудувањата дека се „мрзливи“, дали некој се запрашал зошто овие животни се движат толку бавно? Што се крие зад нивната „мрзливост“? Одговорот би бил нивниот начин на исхрана, односно Мрзливците спаѓаат во групата на хербивори (животни што се хранат со растенија), бавниот метаболизам и малата мускулна маса.

Тие всушност се способни да се движат брзо, но ќе треба да потрошат големи количества на енергија, а бидејќи нивниот начин на исхрана има отстуство на масти и протеини кои се важни извори на истата не можат да си го овозможат тој „луксуз“ на брзина. Додека на луѓето им треба помалку од еден ден да ја сварат храната, на Мрзливците им треба еден месец. Ова значи дека Мрзливците мораат да се движат бавно за да си ја зачуваат енергијата. Нивниот бавен метаболизам исто така е причина за нивното долгочасовно спиење.

Во дивината тие спијат по 10 часа, а доколку се затворени спијат дури 14 часа на ден. Поради нивната мала мускулна маса Мрзливците на земјата се влечкаат со нивните долги раце. Не можат да одат исправено бидејќи мускулите воглавно им се лоцирани на рацете и торзото. Така и начинот на којшто се движат од место до место влијае врз нивната спорост.

Интересно, нели? Мислам дека ова е убава лекција дека за сѐ што се случува околу нас постои причина и би било добро кога би се воздржале од предрасуди.

Прегледи:
610
Објавено на:
11.06.2018