Категории

28 години од искачувањето на Димитар Илиевски – Мурато на Монт Еверест

На денешен ден, пред 28 години Димитар Илиевски – Мурато го направи еден од најголемите подвизи во нашата историја, освојувањето на највисокиот светски врв Монт Еверест во Непал, а за тоа Македонија вечно ќе го памети.

Илиевски успеа да се искачи на врвот на светот правејќи ја горда до крај Македонија, и покрај тоа што за жал не успеа да се врати назад по еден таков херојски подвиг. Димитар Илиевски – Мурато (29. септември 1953, Битола – 10. мај 1989, Непал) е првиот Македонец што ја има освоено највисоката планина во светот. Но, по подвигот не успева да се врати во базниот логор, по што официјално се води како изчезнат.

На сертификатот издаден од Кралската Влада на Непал т.е. од Министерството за туризам и цивилно воздухопловство пишува:

„Со ова се потврдува дека Г-динот Димитар Илиевски – Диме од Македонија, Југославија, успешно се искачи на 8848 метри високиот Монт Еверест во 1989 година во пролетната сезона, како дел од Македонската Експедиција на Еверест водена од Г-дин Јован Попоски од Македонија, Југославија…“

Неговиот подвиг никогаш не може и нема да биде заборавен, поради што постојано и неговиот матичен ПСК Пелистер го одржува споменот за Мурато. Во негова чест и оваа година, по 28-ми пат, ќе биде одржан Традиционален Марш на Мурато кој ќе се одржи на 13-ти и 14-ти мај.

Мурато беше пионер на освојувањето на Монт Еверест. Денес секојдневно се освојува највисокиот врв, но во тоа време името на Илиевски беше во само 250 лица во светот кои до таа 1989 година го освоилеа Монт Еверест.