Категории

#365среќа Ксенија Николова говори за успешното водење на брендот Две Шмизле и ексклузивно ни ја најави својата 4-та книга

Вниманието на јавноста го привлече уште пред многу години, појавувајќи се во драмското катче Бејби Шоу. Тоа младо, темпераментно девојче денес е изградена личност, девојка која зрачи со самодоверба, ги прифаќа предизвиците кои и ги нуди животот и се чини како никогаш да не мирува.

 

Покрај пишувањето кое е нејзина најголема пасија, од неодамна својата енергија ја насочи и на друго поле, со отворање на продавница за накит во Скопје, од познатиот српски бренд Две Шмизле.

 

1. Природно се наметнува првото прашање. Зошто накит и зошто токму Две Шмизле?

Накитот е естетика која сметам дека е потребна за секоја слика да изгледа комплетно. Се разбира, секој со својот вкус, не треба да бидеме она што не сме, но затоа е исклучително важно да го пронајдеме својот стил и каналот низ кои ние ќе зрачиме со уникатност и самодоверба. Сакам работи кои се мали, а ја менуваат големата слика. Можеби тоа е одговорот на прашањето. А што се однесува до самиот бренд Две Шмизле, тоа беше сплет на повеќе околности. Јас ја имав желбата, верував дека тој тип на накит ќе биде интересен за нашата земја, имавме консултации со сопствениците од Белград и истите се одвиваа малку подолго, бидејќи внимававме на секој детал, вложувајќи многу труд и љубов. Така, полека но сигурно, се отвори продавницата Две Шмизле во Скопје, на 21 декември 2016 и почна се’ да се случува самото од себеси.

 

2. Велат накитот е тоа што го дефинира стилот на секоја личност. Дали се сложуваш?

Како што кажав, накитот може да го дефинира стилот на секоја личност, но не по секоја цена. Не треба да носиме нешто во кое не веруваме, нешто во кое не се чувствуваме удобно. Искрено, ние тоа им го кажуваме на нашите муштерии во Две Шмизле. Не е поентата само да продадеме нешто и никогаш повеќе муштеријата да не се врати кај нас. Затоа што на крајот од денот, со текот на времето, секој разбира дали била правилна одлика да се купи тоа парче накит или не. Токму поради тоа, кај нас нема вршење притисок врз муштеријата. Постои искреност, ова ви стои, ова не ви стои.

 

3. Кога бираш накит за себе, дали си доследна на својот стил или пак, некогаш експериментираш во зависност од расположението?

Не сум човек кој експериментира. Тоа сум едноставно јас и го знам тоа за себе, знам што носам, знам што не носам, знам во што би се чувствувала добро, а во што не. За накитот, важи истото. Сакам да кажам, не значи дека ако не експериментирам, дека не ги обожувам деталите. Напротив, ги обожувам толку многу, што точно знам кои се и што со нив да правам.

 

4. Иако продавницата Две Шмизле се отвори пред неполна година, веќе е позната по многубројните изненадувања, попусти, подароци и слично. Дали и во иднина ќе продолжите да ги радувате купувачите?

Продолжуваме со полна пареа, имаме идеи, креираме и се трудиме. Не е лесно, влеговме во едно тешко време на пазарот, но сакаме да се избориме за своето место и даваме се’ од себеси. Бидете тука, следуваат многу интересни нешта кои допрва ќе се случуваат во Две Шмизле. Само трпение, верба и креативност.

 

5. Свесни сме дека убаво парче накит ја радува секоја жена. Какво е чувството кога знаеш дека токму твојот накит е причина за изнудување на нечија насмевка?

Убаво е чувството. Убаво ти е на душата и се смееш. Нешто што ти си го имал како мисла во главата, станало реалност. Па сега таа твоја реалност, разубавува нечија реалност. Убаво ти е, нормално.

 

6. Уметноста која ја преточуваш во пишан збор, привлекува големо внимание. Огромен е бројот на оние кои се пронаоѓаат во твоите зборови и едвај чекаат да прочитаат нешто ново. Па затоа, не би било фер за крај ако не поразговараме малку и на оваа тема. Првите три книги спонтано се наметнаа како задолжителна литература за животот, љубовта, тагата. Што може да очекуваме од Ксенија на тоа поле во блиска иднина?

Очекуваме нова книга, односно јас ја очекувам од себеси, пред се’. Се надевам дека ќе ја дочекам со раширени раце и безброј емоции. Моментално патувам низ неа, односно ја пишувам, ја чувствувам со секој дел од мене и се радувам. Кога ќе биде готова, ќе биде достапна за сите. А после тоа што ќе се случува, останува да видиме. Како и секој пат кога издавам нешто, така и овој пат – се надевам дека тоа мир нешто ќе промени нешто некому. Тоа е повеќе доволно. За прв пат сум женско во мојата книга, чудно ми е, ама убаво, бидејќи знам дека се наоѓам во период од животот каде имам што да кажам како жена.

Прегледи:
1240
Објавено на:
13.07.2017