Категории

#365среќа Марија Спасовска: Сакам да пејам пред огромна светска публика, со големи концерти низ светот

Кога постои талент, успехот е неминовен доказ за тоа. Тимот на Среќа.мк секогаш се радува и ги поддржува младите таленти кои ја претставуваат Македонија во најдобро светло насекаде во светот.

Создавајќи вистинска уметност со својот глас, нашата млада ѕвезда Марија Спасовска иако има само 12 години, може нескромно да се пофали со многубројни признанија како од кај нас, така и од повеќе земји во светот.

Нејзиното досегашно искуство е прилично богато. Има издадено свое промотивно ЦД со вкупно 7 соло песни. Учествува и добитник е на награда за финалист од детска категорија при „Кастинг талент шоу“.

Во истото шоу добива улога за мал ангел во првиот македонски мјузикл „Тајно Моја“. Има освоено и две награди за освоено второ место на настапи во Минск, Белорусија и во Струга.

Исто така сега за сега нејзината најпрестижна награда која најмногу и значи е 3 Лауреат на најпрестижниот фестивал „Славјански Базар“ во Витебск.

  1. Кој е најзаслужен за откривање на твојот музички талент и дали посакуваш во иднина музиката да прерасне во твоја професија?

– Јас и не се сеќавам дека секојдневно сум пеела пред ТВ следејќи ги „Поточињата“ и „Супер ѕвездичките“ на мои 2 – 3 години. Мајка ми ми раскажува дека сум молела секојдневно да одам кај децата од „Поточиња“. И така кога имало аудиција таа ме пријавила, а таму најодговорно си ги исполнував сите задачи. Кога ја добив првата песна за да ја исполнам на фестивалот Поточиња во март 2010 имав само 4 години и 5 месеци. Песната се вика „Моето кукле“ и е моја омилена песничка. Музичкиот талент можеби е откриен од моите родители, но мојата желба да бидам секаде каде што е музиката си го прави своето.

На шест години родителите ме запишаа во Музичко училиште. Тие ме советуваа да свирам пијано, но јас ја одбрав виолината. Никој не можеше да влијае на моите желби, затоа што јас го носев последниот збор, дури и во избор на песните. На пример кога се натпреварував за песна за фестивалот „Златно славејче“, јас секојдневно ја пеев „Љубов како пеперутка“ и се пријавив на натпреварот во Охрид за да ја добијам токму таа песна која најмногу ми се допаѓаше.

Е сега, дали музиката ќе прерасне во моја професија? Секако дека веќе размислувам за тоа, но исто така размислувам и за многу други работи. Едноставно секаде сакам да бидам присутна, се пријавувам на натпревари по македонски јазик, математика, се уште учам во основно училиште и имам и други предизвици. Играм ракомет, таму сум преисполнета и пресреќна. Така што имам уште многу време, но секако дека музиката ми е најголема љубов.

  1. Секое дете има свои омилени музички изведувачи кои со задоволство ги слуша и им се восхитува. Кои се твоите идоли во музиката?

– Слушам поп музика. Има многу добри изведувачи во светот, но ете ќе издвојам дека ми се допаѓаат Beyonce, Sia, Shakira. Од македонските изведувачи на прво место за мене е Калиопи, но и Тамара.

За идол не можам да кажам, но за пример кој ме води напред е Тоше. Пеејќи ги песните од Тоше преку подготовките за мјузиклот „Тајно моја“ читав повеќе за него, слушав негови песни и едноставно стана ѕвезда водилка за мене.

  1. Со оглед на тоа дека имаш само 12 години, а многу успеси зад себе, како успеваш да ги усогласиш обврските кон училиштето со музиката и како најчесто го поминуваш слободното време?

-Мојот ден е преполн со обврски. Комплетната организација на сите активности најчесто до сега ја правеше мојата мајка, но веќе од оваа година почнав и самата да планирам и да се организирам. Така што имам календар со активности. Пред некоја година ми се случуваше да не можам да најдам термин за се што сакам, па морав да редуцирам дел од активностите. Тогаш ми беше најтешко, затоа што не знаев што да оставам.

Имав ситуација да престанам да играм ракомет или да престанам да свирам виолина. Се разбира се се среди кога термините се усогласија. Инаку во моментот следам часови по естрадно пеење, глума, пијано со солфеж и теорија на музика. Имам редовни часови по англиски јазик, играм ракомет во лига на РК Ново Лисиче Вардар и се разбира одам на редовни часови во училиште. Успевам секаде да постигнам и можам да се пофалам со одличен успех по сите предмети.

Имам и слободно време. Слободното време сама си го дозволувам. Тогаш најмногу се дружам со моите другарки, но исто така знаеме да прошетаме, да возиме ролери, hover board…

  1. Што е за тебе среќа?

– Среќата е чувство на безгрижност! Среќа е да ти се исполнат желбите. Среќа е да бидеш со своите најблиски (мама, тато, бато и Андреј). Среќа е да сакаш. Среќа е да се смееш. Среќа е да живееш. Среќа е да си здрав. Среќа е да пејам…

  1. За крај, би сакале да дознаеме нешто повеќе за твоите планови во иднина, што може да очекуваме и која е твојата најголема желба на музичко поле која сакаш да ти се оствари?

– Најблизок план кој ќе се реализира во март е да ја претставам Македонија во Москва на фестивалот „Отворена Европа“ и се разбира да се вратам со освоена награда, за мене и за Македонија.

За крај ќе Ви откријам дека се подготвува авторска песна, моја прва тинејџерска песна на македонски и српски јазик со видео запис на двата јазици. Песната се снима во Белград и композиторите и сите кои се дел од целокупната реализација на овој посебен и голем проект за мене се во Белград. Се ќе се случи наскоро. Последниот рок е крај на април или почеток на мај 2018 година.

Желбите на музичко поле се секогаш големи, желбите ми се како ѕвездите на небото. Сакам да пејам пред огромна светска публика, себеси се гледам на големи концерти насекаде низ светот.

Прегледи:
688
Објавено на:
21.02.2018