Избелувањето на забите, колку и козметички да изгледа како добра идеја, носи свои негативности.
Важно е да се знае дека избелувањето не се прави по секоја цена, не се препорачува кај луѓе кои имаат оштетена глеѓ, кои се млади, или пак имаат проблеми со гингивата или други општи заболувања.
Кои проблеми може да се очекуваат после избелувањето на забите?
Осетливост на забите на термички дразби, на притисок или допир
Бидејќи забите се третираат со високопроцентни пероксиди, па дури и било друг каков препарат да се примени, нормално е да се очекува дека забите ќе бидат осетливи. Тоа го пишува во декларацијата на сите средства за избелување. Особено нагласена осетливост се очекува доколку има рецесија (повлекување) на гингивата, ако глеѓта е напукната, ако се врши избелување на забите за многу краток период. При постапката на избелување со поблаги препарати, осетливоста може да постои само еден или два дена, но, кај енергични и “забрзани”избелувања, може да се случи осетливоста на забите да трае и по неколку месеци.
Проблеми со гингивата
Повеќето од пациентите кои ги избелувале забите имаат повеќе или помалку осетлива гингива. Сето тоа зависи од почетната состојба на гингивата пред избелувањето и начинот на работа. Особено негативни последици има при избелувањето на забите кое се врши во домашни услови. Во ваквиот случај станува збор за хемиски изгореници кои заздравуваат за 7 дена, но кај изразени оштетувања на гингивата, таа може да се ретрахира ( повлечи) и никогаш да не се врати во првобитната состојба.
Шарени заби
При избелувањето на забите се врши избелување само на забното ткиво (глеѓта), но не и на пломбите и коронките. Затоа во првиот момент можете да очекувате “шаренило”на забите, па да мора пломбите и коронките да се менуваат со нови со посветли нијанси како би се изедначиле со останатите заби. Тоа од финансиски аспект баш и не е многу исплатливо.
Вештачки бели заби
Природно забите не се со иста боја туку горните заби се малку посветли од долните, предните посветли од страничните, песјаците се малку потемни од останатите заби, а сите заби се потемни на страната на гингивата, а посветли кај работ. Сето ова дава еден природен изглед на насмевката. Избелувањето дава целосно белеење на забите кое кај повеќето пациенти делува неприродно.
Одржување на забите после избелувањето
После постапката на избелување се препорачува да се избегнува пушење, консумирање обоени пијалоци, чај, кафе и црно вино и некои видови храна кои ги пребојуваат забите. Хигиената на забите после избелувањето мора да биде беспрекорна.