Категории

5-те фази на тагата: Како да преболите загуба на блиска личност?

Тагата е природен одговор на загубата, емоционално страдање кое се јавува кога губиме некој што го сакаме. Колку е позначајна загубата, толку е поголема тагата, а најинтензивна е во случај на смрт на саканата личност.


Според психолозите, постојат 5 фази на тагата:
1. Негирање
2. Бес
3. 
Депресија
4. Прифаќање
5. Прилагодување на ситуацијата и реинтеграција

Но не сите луѓе поминуваат низ сите фази, а понекогаш тие фази не одат по ист ред, бидејќи тагата е непредвидлива и индивидуална. Она што треба да се запамети е дека е сосема нормално да се чувствуваат сите овие емоции и не постои фиксно време кога истите ќе исчезнат. Најтешките периоди со текот на времето стануваат помалку интензивни и пократки, но прилично е често, многу години подоцна, да се чувствува силна тага, особено во моментите кои сакавме да ги споделиме со саканата личност.

„Симптомите“ на тагувањето

Вина и лутина: Експертите велат дека олеснувањето по смртта на лицето, кое долго време се борело со тешка болест, е нормална емоција, но многу луѓе токму поради тоа чувствуваат вина. Во случајот на ненадејната смрт, луѓето чувствуваат лутина и често мислат дека некако можеле да го спречат тоа, иако, реално, не можеле.

Страв:Губењето на блиската личност може да предизвика многу грижи и стравови. Можеме да чувствуваме тага, беспомошност и несигурност. Сите овие чувства понекогаш водат кон панични напади, а честопати го преиспитуваме нашиот живот и смртноста.

Физички промени: Иако тагата е емоционален процес, тој често вклучува физички, односно здравствени проблеми, како што се замор, намален имунитет, губење на тежината или ненадејно зголемување на тежина, гадење, болка и несоница.

Како да се тагува?

Најдете поддршка: Свртете се кон пријателите или членовите на семејството и не ги избегнувајте, бидејќи ви треба поддршка, без оглед на тоа што мислите дека ќе издржите сами. Луѓето често сакаат да помогнат во таквите ситуации, но не знаат како, затоа треба да кажете што ви е потребно.

Грижете се за себе: По смртта на блиската личност треба да се грижите за себе, бидејќи голем емоционален стрес може да влијае на нашето здравје. Освен за физичкото, грижете се и за менталното здравје, бидејќи вашето тело и ум се поврзани. Пробајте да спиете правилно и да јадете редовно. Избегнувајте ги лековите кои моментално ќе ви го подигнат расположението за повторно да ве вратат во депресивната состојба.

Подгответе се за „тригерите“ на тагата: Празници, родендени, годишнини… сите овие ситуации ќе ги разбудат вашите сеќавања и чувства. Бидете подготвени за овие “удари”, нормално е да се биде тажен во тие прилики. Разговарајте со луѓето и не криете како се чувствувате.

Изразувајте ја својата тага: Саканата личност нема да ја заборавите, ниту тоа некој го бара од вас. Сеќавајте се на сите убави заеднички моменти. Тагата можете да ја изразувате на многу начини. Напишете ги вашите мисли во дневникот, напишете писмо до саканите, направете фото албум, создадете уметничко дело…