Што ја прави жената убава? Секоја жена е различна, со различно тело, коса, лице…со различна насмевка и држење, и секоја има своја посебна убавина.
Уметност е да знаеш да го истакнеш убавото во секоја жена, да умееш да направиш да се чувствува како принцеза, само така таа ќе блеска одвнатре и ќе изгледа комплетно.
Јасмина Дракул е „магионичарот“ кој на жените им прави да се чувствуват како принцези и кралици, да бидат вистински дами. Со нејзиното магично стапче, односно со нејзината креативност и вредни раце, создава уникатни креации кои умеат да го истакнат најубавото од жената.
„Ненаметливата раскошност и дизајн на венчаниците и тоалетите ја дефинира убавината кај жената, но не ја ограничува истата, со што се подразбира дека секоја жена би можела да се пронајде во моите колекции.“
Ателиер Дракул е бренд кој опстојува на нашиот пазар повеќе од 20 години и тоа што го создава Дракул е вистинска уметност. Зад неа стојат илјадници креации и уште толку задоволни клиенти, голем број на реализирани проекти и одржани ревии. Дракул е една од ѕвездите во македонската модна индустрија.
Фокус на Ателиер Дракул се невестинските фустани, таму вложуваат голем дел од креативната енергија, создаваат раскошни и гамурозни венчаници, а за својата последна колекција вели дека инспирација е кралскиот луксуз, измешан со лежерниот романтизам кој е вистински модерен спој.
Во таа приказна создава уникатни дизајни, кои совршено прилегаат на секоја жена и секоја од нив ја живее својата бајка на својот посебен ден.
„Моите креации ја претставуваат жената која е нежна а моќна, вистинска кралица на својот посебен ден.“
Убавината е во деталите, а тоа Дракул најдобро го знае. Па често нејзините креации се извезени со уникатни детали, цветови, пеперутрки, светкави камења, со што завршниот производ ти го одзема здивот.
Иако венчаниците се заштитно дело на оваа креаторка, неизбежни се и вечерните тоалети, коктел фустаните и модните додатоци. Рачно изработениот накит е нешто со кое таа може да се пофали, како и други разновидни тренди парчиња во кои може да се пронајде секоја жена.