Категории

Мачињата станаа лавови: Среде Алжир одржана ракометна лекција за четвртфинале на СП

Машката младинска репрезентација на Македонија го постигна најголемиот успех на Мундијалите во младинските категории, откако се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Алжир! Избраниците на Илија Темелковски славеа над домаќинот Алжир во тежок и неизвесен натпревар со 20:24 и утре во четвртфиналето ги чека можеби главниот фаворит за светската круна, Франција.

Голманот Никола Даниловски го отвори овој дуел како што може да се посака, со одбрана на пенал. Во следниот напад капитенот Талески и донесе водство на Македонија со голот за 0:1. Домашните израмнија на 1:1, па беше и 2:2, 3:3. Нашите репрезентативци преку Шилегов и Талески за првпат поведоа со 3:5, но домашните го враќаат ударот и со 2 гола во серија, израмнија на 5:5. Кузмановски го врати водството на македонска страна со голот за 5:6, но Алжир покажа дека не е случајно во оваа фаза и со серија од 3 голови, за првпат стигна до плус 2, 8:6. Повторно бекот на Металург стрела во домашната мрежа, а и Палевски се запиша во листата на стрелците за нов егал, 8:8. Продолжи играта гол за гол, па беше 9:9, 10:10, пред домашните да поведат со 11:10 во 29 минута, и со тој резултат се замина на пауза.

Велковски со гол го отвори вториот дел и израмни на 11:11. Во следниот период не се смени многу во поглед на резултатот, бидејќи беше 12:12, па 13:13, а последниот гол беше дело на Шилегов, кога Македонија играше со играч помалку. Арсеновски е пикер што често знае да трча и контри, па погоди од една таква ситуација по промашувањето на домашните за 13:14. По две промашувања на двете страни, Македонија повтотно ги врати највисоките плус 2, преку Палевски за 13:15. Во 45 минута, Алжир пак се врати во игра и израмни на 15:15, а згора на тоа и нивниот голман му одбрани шут на капитенот Талески. Сепак тој стрелаше во следниот напад и Македонија поведе со 15:16, а потоа и 15:17. Алжир намали на 16:17, а Палевски умешно погоди за плус 2, 16:18. Успешно се одбранивме во слендиот напад, но Талески промаши за највисоки плус 3.

Томовски одбрани зицер на домашните во 53 минута, па Талески ги донесе посакуваните 3 голови разлика, 16:19. Домашните пак згрешија, а Палевски од пенал зголеми на 16:20, пред Алжир да намали на 17:20. Капитенот избрза во следниот напад и домаќините се вратија на 18:20, но капитенот погоди за 18:21 и веќе беше решен победникот. До крајот уште постигнавме уште 3 голови за убедлива победа со 20:24. Капитенот Талески беше најдобар поединец на теренот со 10 голови, додека го следеа Палевски и Кузмановски со по 4, а Велковски даде 3. Противник во четвртфиналето на Македонија ќе биде Франција, а дуелот ќе се игра утревечер со почеток во 21:45 часот.

Извор : 24ракомет.мк

Прегледи:
464
Категории:
Ракомет · Спорт
Објавено на:
26.07.2017