Во седумдесетите, модата се базирала на индивидуалноста и можноста секој да се изрази преку неа. Како резултат на тоа, многу традиционални модни правила се прекршувале. Застапени биле повеќе стилови, како што е хипи, глам рок и диско.
Благодарение на ниските цени на облеката во тоа време, мажите имале можност да експериментираат и да се пронаоѓаат менувајќи стилови во облекувањето.
Хипи
Кога ќе помислиме на седумдесетите, прв на памет ни доаѓа хипи стилот на облекување. Тоа е еден од првите, а воедно и најзачајниот стил на декадата. Тоа е така поради препознатливоста и деталите застапени во овој стил, како што се колани со изразени токи, врзани топови, венчиња и марами, кошули со фолклорни дезени, елечиња и секако ѕвонарки во најразлични бои.
Рок
Додека панк изгледот беше застапен на крајот од седумдесетите, во средината на овие години најголема застапеност има гламурозниот рок стил. Овој стил потекнува од Британија, каде што младите момчиња како свои идоли ги користеле познатите музичари, како Дејвид Боуви и Фреди Меркјури. Основни обележја на овој стил се кадифени спортски јакни, кратки сакоа, блузи и сатенски кошули, црни кожни јакни, свилени марами, преголеми капути и чевли на висока платформа.
Диско
Диско модата во седумдесетите, која ја презентира Џон Траволта во „Саботната треска“, многу често подразбирала костуми составени од три парчиња, ѕвонарки, тесни елечиња и кошули со извадена јака над сакото. Исто така овој стил вклучувал и големи очила во авијаторска форма.