Категории

Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини на 1 март со почеток во 20 часот во МОБ

Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 1 март (петок) 2019 година, почеток 20.00 часот во Македонската опера и балет. Спектакуларната продукција на епската кинеска бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, повторно на сцената на МОБ.

Диригент е Иван Еминовиќ, режијата, сценографијата и костимографијата се на Џанкарло дел Монако, додека под кореографијата се потпишува Саша Евтимова.

Настапуваат: Весна Ѓиновска Илкова, Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Владимир Саздовски, Момчил Караиванов (Бугарија), Кристијан Антовски, Дејан Стоев, Диме Петров, Марјан Николовски, хорот оркестарот и балетскиот ансамбл на МОБ.

„Турандот“ е опера во три чина од Џакомо Пучини. Напишана е по либретото на Џузепе Адами и Ренато Симони, а базирана на адаптацијата на Фридрих Шилер на драмата „Турандот“ од Карло Гоци. Пучини умира недовршувајќи ја операта, која што подоцна е завршена од Франко Алфано. Одликувајќи се со „невообичаен“ музички материјал, во кој предничи иновативната употреба на хорот и оркестарот, стилот на Пучини во ова оперско дело е особено препознатлив во широките, експресивни мелодии. „Турандот“ изобилува со моменти на восхитувачка мелодиска убавина, која особено доаѓа до израз во незаборавната тенорска арија, една од најубавите во оперската литература, „Никој не спие“ (Nessun dorma).

Прегледи:
557
Објавено на:
26.02.2019