Категории

#365среќа Димитар Ѓорѓиев, шампион во кик-бокс: „Кик-боксот е за сите кои сакаат возбуда и трошење на многу калории и негативна енергија“

За да бидеш прв, најдобар и покрај големата конкуренција воопшто не е едноставно. Потребен е огромен труд, напор и вложување во себе. Најдобриот македонски кик-боксер Димитар Ѓорѓиев кој зад себе има три титули светски шампион го знае тоа.

Изминатата година уште еднаш ја потврди својата класа и во меѓународни рамки освојувајќи ја шампионската титула на Европското првенство за сениори кое се одржува во Братислава, Словачка. Покрај многубројните успеси тој е сопственик на КБК Работнички Адора каде што покрај активностите во кик бокс за професионалци и рекреативци, ви нуди можност да тренирате Функционален Фитнес и Burn it up.

1. Кој е Димитар приватно, настрана од спортските активности и љубовта кон кик боксот?

Студирам на Правниот факултет, се надевам дека набргу ќе се реализирам и на ова поле. Покрај кик боксот, слободното време кое што ми останува се трудам секогаш да го посветам на моето семејство уживајќи во заедничките моменти, искуства и случки.

2. Како започна да се занимаваш со овој спорт и раскажи ни нешто повеќе за досегашните успеси?

Со кик боксот се запознав сосема случајно, вежбав рекреативно и едноставно сакав да видам колкав е мојот капацитет и колку можам да постигнам. Мојата прва борба помина одлично, што ми даде голем мотив за понатамошни успеси. Оттогаш кик боксот прерасна во моја пасија, начин на живот, а тоа е причината поради која сѐ уште се занимавам со овој спорт.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by kbkrabotnickiadora (@kbkrabotnickiadora) on


3. Од Европското кик бокс првенство за сениори во Братислава, Словачка, се врати со златен медал достигнувајќи го врвот во ова првенство. Колку време се подготвуваше и колку дисциплина, откажување и самоконтрола се потребни за да се достигне врвот?

Подготвувањето не беше едноставно, особено затоа што во исто време ја подготвував салата КБК Работнички Адора и се подготвував за борба, што од оваа перспектива можам да кажам дека за мене беше еден од најнапорните периоди во животот. Откако пристигнав на првенството, само се измерив на вага и првите три денови додека почнаа борбите буквално не излегов од соба… Овој медал се обидував да го освојам 7 години и морам да напоменам дека ми е премногу драг, а следната година ќе дадам сѐ од себе да го задржам.

4. Среќата е една од најважните емоции кај секој човек. Што те прави тебе среќен?

Како поминуваат годините, сѐ повеќе сфаќам дека најголема среќа е кога сум со моето семејство и најблиските луѓе. Времето поминато со нив е непроценливо.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by kbkrabotnickiadora (@kbkrabotnickiadora) on


5. Која е твојата порака до сите млади луѓе кои го сакаат спортот и се грижат за својата кондиција. Зошто кик боксот е вистински избор?

Спортувањето пред сѐ е секогаш вистински избор. Конкретно кик боксот би го препорачал на сите оние кои сакаат возбуда при спортувањето, динамика, а истовремено да потрошат многу калории и негативната енергија која се акумулира во секој од нас.

Прегледи:
1100
Објавено на:
17.04.2019