Категории

Ноќите се долги… Прекрасен текст кој ги потсетува родителите колку брзо растат децата

Ноќите се долги.

Кога конечно ќе се вратиш дома, со болничката белегзија на твојот зглоб, а твоето слатко новороденче плаче цела вечер. Кога ќе пробаш сè што знаеш за да го смириш и ништо не функционира… и на крајот очекуваните солзи-радосници ќе се претворат во солзи од фрустрации и исцрпеност.

Ноќите се долги.
Кога ќе нишаш, смируваш и пееш приспивни песни и сè е залудно, а лулката која ја избра со толку многу внимание стои празна, додека ти чекориш низ дома шушкајќи и нишкајќи, молејќи се дека сонот ќе дојде.
Ноќите се долги.
Кога температурата е висока, неговите очи што секогаш танцуваат од задоволство, се уморни и безживотни. Кога неговото мало тело е обземено од болест и ти не знаеш што не е во ред. Кога ќе се јавиш во итната медицинска помош или ќе пребаруваш симптоми онлајн, а ќе останеш преплашена.
Ноќите се долги.
Кога лежиме будни навечер и се прашуваме дали нашите малечки имаат другари на училиште. Нашите тела се исцрпени од денот, но нашиот ум сè уште е раздвижен од прашања: дали се адаптирале, дали се среќни, дали сме ги научиле на доволно нешта за да се справат со овие нови искуства?
Ноќите се долги.
Кога оние кои некогаш го полнеа нашето задно седиште со повеќе прашања и песни одошто нашите уши можеа да поднесат, сега, неколку години подоцна, прелистуваат во нивниот телефон молчешкум. Кога нивните очи кои некогаш беа полни со возбуда и смеа сега се превртуваат нагоре почесто отколку ние сакаме, а ние се прашуваме дали е сè во ред во нивниот свет. Се трудиме, но понекогаш се чувствуваме неспособни да најдеме пат до суштината на нештата.
Ноќите се долги.
Кога таа ќе излезе на љубовен состанок и ти ќе се прашуваш дали ќе биде доволно сè што ја научи и сите разговори кои сте ги имале. Кога тој ќе излезе со неговите пријатели, а ти ќе се надеваш дека тој ќе биде лидер, а не следач. Кога сè е спакувано во автомобилот, а твоите очи уште еднаш се среќаваат со нејзините преку прозорецот за последен пат пред таа да замине од дома.
Да, ноќите се долги.
Но годините?
Ох, годините се кратки.
Кога тоа малечко што некогаш спиеше во лулката е предолго за неа и ти го поставуваш во детското креветче.
Годините се кратки.
Кога најмалото раче кое некогаш силно ти го стегаше прстот, ќе ти ја пушти раката брзо и ќе замине на првиот ден во градинка.
Годините се кратки.
Кога нашите бебиња кои некогаш гугаа, се гушкаа и ги полнеа своите рачиња со нашата коса ќе започнат да ја виткаат, исправуваат и стилизираат сопствената коса.
Годините се кратки.
Кога оној што си мислел дека никогаш нема да спие, ќе спие до пладне ако му дозволиш.
Годините се кратки.
Кога рачето, кое ти се чини како вчера да учеше да мавта додека ти велеше кажи: „ПА-ПА“, сега ти мавта за збогум и заминува со автомобилот.
Годините се кратки.
Кога нашите малечки ќе станат големи; Кога нашиот пат ќе стане нивен пат; Кога нашата љубов ќе се протега до степен на болка…
Ќе се сетиме…
Дека ноќите беа многу долги. Но, годините се многу кратки.
Автор: Џинџер Хјус
Прегледи:
826
Објавено на:
08.10.2019