Победници на овогодинешното издание на натпреварувањето „Твоето лице звучи познато“ се Даниел Кајмакоски и Ивана Петерс. За победата добија награда од 25.000 евра кои ги доделија на 2-годишниот Урош Матошевиќ. Исто така, и целокупната сума на пари од СМС пораките ќе биде проследена за хуманитарни цели.
Ивана и Даниел ги воодушевија публиката и жирито со изведбата на песната „Broken Strings“ како Нели Фуртадо и Џејмс Морисон.
Даниел Кајмакоски своето задоволство од победата го искажа и на својата Фејсбук страница:
„Им благодарам на сите од целиот регион што гласаа за Ивана и за мене! Среќни сме што победивме, но најмногу поради можноста да помогнеме.
Благодарение на ТЛЗП, во третата сезона можев да му помогнам на семејство од Куманово. Сега Ивана и јас одлучивме да ја донираме наградата од 25000 евра на двегодишниот Урош Матошевиќ, му посакуваме што побрзо да ја победи тешката болест и да има среќно детство.
Суштината на оваа емисија е нејзиниот хуманитарен карактер и токму поради тоа сите толку многу се трудевме, ја забавувавме публиката.
Им благодарам на моите колеги во оваа супер сезона, сите заслуживте да победите!
Чест ми е што имав таков голем уметник крај мене во финалето, Ивана Петерс прекрасна си, неповторлива!
Фала му на Господ што ми дава сила. Нема поубаво чувство од она кога знаеш дека некому барем малку си му го олеснил теретот што го носи.
Моите фанови секогаш беа тука кога најмногу ми требаа, секогаш ќе ви ја возвратам вашата љубов и поддршка најдобро што знам.
Од Ивана и од мене, благодарам од срце на сите, на членовите на жирито, на продукцијата Emotion.
Оваа победа не е само наша, таа им припаѓа на сите што во 12-те емисии дадоа се’ од себе и си ја вградија душата во ТЛЗП.“