Категории

Безвременски цитати на Петре М. Андреевски

Зборови преточени во уметност кои остануваат врежани длабоко во секој оној кој ќе има среќа да ги прочита. Мудрост искажана на хартија, која на толку прецизен и единствен начин ги опфаќа најсилните емоции кои тлеат во нас.

Да се потсетиме на некои од неговите најубави мисли и извадоци од неговите книги:

„Не се рекло напразно дека секоја жена си чува солзи само за еден човек“.

„Тунел“

 

„Тркалезна ти е прегратката
кога ме љубиш, кога те љубам
и тркалезна ти е солзата
кога од мене се разделуваш…“

„Тркалезни форми“ – Пофалба на жената

 

„Кај ќе стасам ќе разделам топло од студено, 
на шеќерот ќе му забранам да се споредува со тебе,
не ќе оставам растојание што ќе биде меѓу нас,
со ова што го велам и слепо и глуво ќе исцелам
само да ме сакаш“.

„Умилкување“

„Само убавината не може да се заобиколи. А не можеш да ја заобиколиш зашто не можеш без неа. Па, дури и кога ќе те напушти. Ја носиш со себе и кога не сакаш. И којзнае на која страна да ги отераш мислите, тие пак ќе се вратат кај неа и до неа ќе застанат…“.

„Тунел“ 

 

„Никаде да не одиш со грд човек. Со грд човек секаде ќе ти биде грда работата. Ќе си земеш некој убав човек со голема сенка и насекаде свртен. Од која страна да го погледнеш, оттаму да му се гледа лицето. На сите страни да има лице. И тој не мора ништо да зборува ами остави го само до тебе да стои. Покрај убавиот човек и ти ќе бидеш поубав. Оти се рекло: убавината секогаш изгледа невино иако најмногу гревови носи…Само убавината прави пазар.“

„Последните селани“

 

„Стравот е страшен само за оние што му се плашат“.
„Кога човек се плаши од пушка, тогаш пушката повеќе пука“.

„Пиреј“

„Зборот нема милост – на секоја кривина те чека да те изненади. Секој збор има и свој лик и свој ум. Можеби тие се токму твоите, но ти не си ги препознаваш. И секој погрешно употребен збор, може да те злоупотреби. И тоа ќе ти ја уништи и чесната мисла што си сакал да ја соопштиш…“.

„Тунел“

„Ќе спијам во движење, 
сенката своја ќе ја прескокам,
ќе ги затнам сите извори, сè што гори ќе отворам.
Ќе направам да не се знае кај е лево и десно,
ќе ти наберам ѕвезди, ќе ти влепам шлаканица
само да ме сакаш“.

„Умилкување“ – „Дениција“

 

„Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги делиме. Ги разбираме, зашто дури тогаш се потсилува нашата болка и несоница. И нашата раздразливост: да немаш обѕири кон другите. Сè да се преврти во завист и омраза. И кон познати и кон непознати. Небаре сè што еднаш било твое, некој насилно да ти го зел од раце…“.

„Тунел“

 

„Оставен, како развенчана змиска кошула,
ги колнев сите краишта што нејзе ѝ ги посветив
и сите нови места што ме среќаваа без неа.“

Првата разделба – „Дениција“

 

„Ти си најцелосниот душман на моите душмани
и јас ќе бидам победен од моите омилени слабости.“

„Дениција“

 

„Пиреј е троскотна трева, а некои ја викаат и коштрева. Ама ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земјата и пак ќе се фати, ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева.“

„Пиреј“

„И маската, што е маска, не кажува дека магарето ѝ е татко. Секогаш ќе ти рече дека коњот ѝ е вујко. Така и човекот…“.

„Небеска Тимјановна“

 

„Човек без љубов е човек без свој лик, без своја трага, без свое име, без свое време, без своја содржина.“ 

„Прво писмо“ од циклусот „Пет љубовни писма“

 

„Ама срцето човечко било бунар: само се полни, а не се преполнува“.

„Пиреј“

Прегледи:
1322
Објавено на:
10.04.2020