Јапонците спаѓаат во народите кои најмалку плачат, а некои би рекле дека и во оваа земја постојат пердрасуди во врска со плачењето. Спрема наводите на Хидефуми Јошида, тоа не било секогаш така, туку жителите на неговата татковина со децении биле охрабрувани да не ги покажуваат емоциите и да се воздржуваат од плачење.
Овој учител сакал да го промени тоа, па пред седум години започнал со едукација на своите граѓани за придобивките на плачењето. Тој проценува дека во неговото училиште досега поминале дури 50,000 луѓе, и дека тој всушност им помагал да заплачат.
Пред да стане учител по плачење, Јошида бил вработен во едно средно училиште. Кога открил дека плачењето помага да се намали стресот, тој одлучил своето сознание да го сподели со другите. Следеле предавања во неговите работилници ширум Јапонија, кои овој 45-годишен човек ги охрабрувал дека е здраво барем еднаш неделно да пуштат солза.
„Ако плачете еднаш неделно, ќе имате живот без стрес“ – изјави Јошида за Japan Times, додавајќи „Плачењето е значително поефикасно во однос на смеењето и спиењето за ослободување од стресот.“
Јошида вели дека плачењето влијае позитивно врз менталното здравје затоа што ја стимулира активноста на парасимпатичкиот нервен систем што има за последица успорување на работата на срцето и опуштање на организмот. Тој исто така смета дека колку повеќе плачете, толку подобро ќе се чувствувате.
Кога работи со поединци или групи, Јошида му пушта инспиративни клипови кои прикажуваат животни, спортисти, семејни сцени и природа и се што предизвикува емотивна реакција кај луѓето. Понекогаш им чита и емотивни песни, ако претходните нешта не делуваат.