Категории

Исповед на една жена која одбрала кариера наместо деца

Не е тајна дека многу е тешко да се постигне сѐ во животот: Да се биде добар родител, партнер, успешен работник, да се изгради кариера… На жените им е уште потешко и се под постојан притисок да бидат одлични на секое поле. Од нив се очекува пред сѐ да бидат добри сопруги и мајки, а во денешно време жените мораат да имаат и добро образование и кариера за да се сметаат за успешни и комплетни. Но, што е со оние кои не сакаат да бидат мајки и свесно се откажале од таа идеја? Прочитајте ја исповедта на оваа жена која искрено кажува како одлуката да се посвети на кариерата наместо на формирањето семејство влијаела на нејзиниот живот…

Тоа што немам деца ми овозможи да инвестирам во самата себе. Сега многу луѓе на возраст од 50 години плаќаат за образованието на нивните деца, ги финансираат нивните венчавки или им даваат пари за станови… А јас? Да речеме дека мојот живот не се вклопува целосно во тој типичен калап. Пред многу години, одлучив да немам деца за да можам да се посветам на кариерата и да ја зголемам мојата заработка. На некои луѓе овој избор им делува необично, но тој ми донесе среќа и финансиски успех.

Сега кога имам 51 година, сметководителството ми носи шестцифрена бројка на сметката секоја година и го имам целото време на светот да ги истражувам сопствените страсти и да живеам онака како што мислам дека е најдобро.

Да имав поминато сѐ, од пелени до школарина, не би имала шанса сега да уживам во животот. Многу жени го чувствуваат мајчинскиот инстинкт. Мислам дека тоа е прекрасно, на светот му се потребни многу грижливи и посветени мајки. Јас едноставно не се вклопувам во тоа.

Се сеќавам дека кога бев мала мислев дека не сакам да бидам мајка кога ќе пораснам. Кога ѝ го кажав тоа на мајка ми, таа ми рече дека ќе го сменам мислењето кога ќе бидам повозрасна. Но, не го променив. Туку уште во моите рани 20-ти почувствував дека мајчинството не е распоредено во моите „карти“… Мојата желба за независност и откривање на самата себе изгледа ја надмина потребата за имање деца. Но, ќе излажам ако кажам дека финансиите немаа огромна улога во мојата одлука. Пораснав во стабилно семејство кое припаѓаше на средната класа, така што мојата работна етика се формираше многу рано.

Кога имав 28 години основав свој бизнис. Оттогаш, работата драстично се зголемуваше и бараше многу лични жртви, работа преку викенд и празници. Бев зафатена со барање нови клиенти, вработување, обучување и тренирање на вработените, како и со усовршување на моите вештини. Дури и да сакав да имам деца тогаш, тоа не би било изводливо.

Одлуката да немам деца си имаше свои последици и ми донесе некои лични загуби. Иако неколку пати за малку ќе се омажев, никогаш не се одлучив на тој чекор. Секогаш, уште на самиот почеток од врската сум била искрена околу тоа дека не сакам деца, меѓутоа поголемиот дел од моите партнери мислеа дека ќе се премислам кога ќе се заљубам, што секогаш завршуваше со раскинување и тагување.

Зошто воопшто не се каам?

Како што се надевав, одлуката да се откажам од мајчинството ми донесе огромна финансиска слобода. Да имав деца кои ќе требаше да ги издржувам, немаше да биде возможно да потрошам толкава сума на пари на една дополнителна работа. Животот без деца ми овозможи да вложам во себеси на подлабоко ниво: Во работите кои ме прават среќна. Звучи како да не сум размислувала доволно за раѓање деца, но тоа не е точно. Тоа не беше одлука која ја донесов лесно. За тоа беше потребно долго преиспитување. Кога имав 40 години бев во сериозна врска која мислев дека би можела да заврши со брак. Меѓутоа, тој многу сакаше деца. Затоа се преиспитував себеси дали сум премногу нефлексибилна поради одлуката да не раѓам. На крајот, не можев да си ја оправдам постапката да донесам нов човек на светот освен ако не сум во целост решена да се посветам на тоа, и врската заврши.

Одлуката да не раѓам излезе дека е паметна лична, а во мојот случај и правилна бизнис одлука. Го следев моето срце и ја слушав сопствената интуиција и навистина ми се допаѓа личноста во која се претворив. Наместо да вложам во семејство, вложив во себе, а тоа што го добив за возврат вредеше за трудот.

Прегледи:
567
Објавено на:
17.07.2016