Категории

Ја видов како стои и плаче пикната до ѕидот на еден пролаз…

Ја видов како стои и плаче пикната до ѕидот на еден пролаз. Беше околу 16:00 часот па беше доста фрекфентно. Луѓето поминуваа и ја одминуваа, не забележувајќи ја. Исто како таму до ѕидот да нема ништо, а не едно душиче што си ги трие очињата насолзени. Помислив дека се загубила, застанав да видам што се случува.

Во тој момент се сврте и тргна накај блиското игралиште за деца. Се доближи до една клупа сакајќи да седне, но виде дека жените кои седеа на соседната клупа станаа и си отидоа веднаш штом ја видоа дека се доближува, па се премисли. Седна на лизгалката. И се приближив и реков здраво.

Се исплаши, веројатно мислеше дека дојдов за да ја избркам. Ја прашав како се вика, но не ми одговори па ја прашав дали се изгубила. Ми одмавна со главата. Ја прашав уште еднаш за да се осигурам, дали знае да си отиде дома од тука. Ми потврди. И подадов рака и и се претставив. Размислуваше малку дали да ми подаде рака, но на крајот прифати.

Ја прашав дали може да ја сликам. Ме погледна тажно како да ми вели: Мене никој не ме ни приметува, па камо ли да ме слика. На крајот извадив 100 денари и и реков оди да си купиш нешто за јадење. Се израдува и ми ја даде најголемата насмевка што веројатно ја имала денеска. Ги зема парите и истрча. За мене едно кафе помалку денеска и 3 минути потрошени на два реда муабет, за нејзе полно стомаче, но што е уште поважно, чувство дека некој ја примети, дека не е невидлива и дека и незината насмевка е важна.

Текст+ фото:  Kika Aveiro

Прегледи:
449
Објавено на:
20.07.2016