Категории

Дводневна жалост во Македонија поради жртвите од тешката сообраќајна несреќа

Според последните официјални информации од синоќа околу полноќ, 14 патници загинаа, а петмина се борат за живот во тешката сообраќајна несреќа на автопатот Скопје-Тетово, кога автобус излетал и се превртел кај селото Ласкарци. Несреќата се случи вчера околу 17 часот.  Бројот на жртвите може да расте оти, според податоците од болниците некои од тешко повредените се во критична состојба.

Во автобусот на компанијата „Дурмо турс“ имало 50 патници. Од загинатите, седум починале на местото на несреќата, а останатите во болниците „8 Септември“, и во старата Градска болница во Скопје.

Според првичните информации од увидот на Основното јавно обвинителство Скопје, несреќата се случила кога автобусот со гостиварски регистарски таблици движејќи се во правец кон Тетово преминал преку заштитната ограда на спротивната страна од автопатот, потоа ја пробил и другата банкина, излетал од патот и се превртел во близина на селото Ласкарци.

Владата на вонредна седница донесе одлука 14 и 15 февруари да бидат прогласени за денови на жалост. Според најавата, Oпштина Гостивар од каде што биле мнозинството патници денеска треба да прогласи тридневна жалост.

Извор: СДК.МК