Се прашувате каде е вашето либидо и зошто толку ретко посакувате да имате секс? Не сте сами, милиони жени низ светот поминуваат низ истото, прашувајќи се дали повторно ќе ја доживеат страста и желбата за секс како порано.
Причините за намаленото либидо кај жените се различни, од прекумерен стрес, депресија, примање на контрацептивни таблети, менопауза, па сè до недоволна комуникација и проблеми во врската. Намалената желба за секс многу повеќе ги измачува и фрустрира жените, затоа што ним им е потешко да доживеат сексуална возбуда. Сепак, постојат неколку работи кои можете да ги направите за да го зголемите своето либидо по природен пат.
Не чекајте научниците да создадат женска вијагра затоа што малку по малку се откажуваат од таа идеја. Преземете ги работите во свои раце.
Потсетете се на последниот пат. Издвојте си неколку минути од вашето време и во главата преживејте ги повторно моментите од некоја возбудлива сексуална средба со вашиот партнер, кога сте биле на седмото небо. Помислете на задоволството што сте го чувствувале и создајте си желба повторно да го доживеете истото. Тоа ќе го зголеми вашиот сексуален апетит.
Внесете сексапил во вашиот изглед. Фрлете ги широките тренерки и блузи и облечете нешто во кое ќе се чувствувате секси. Дури и да се излежувате пред телевизорот, внимавајте како изгледате. Кога излегувате со партнерот, облекувајте се така што тој не ќе може да ги тргне очите од вас. Ако знаете дека изгледате привлечно, така и ќе се чувствувате, а ќе знаете и дека сте посакувани.
„Зачинете“ ги работите. Бидете спонтани, правете неочекувани работи и не се плашете да пробате нешто ново. Монотонијата е ваш непријател. Направете нешто интересно:
Одете во хотел за викендот.
Спијте голи.
Купете црвен или црн комплет секси долна облека.
Пробајте нови пози.
Не ја прескокнувајте предиграта. Отсуството на возбуда го убива либидото, а нема подобар начин да ја зголемите сексуалната возбуда од предиграта. Практикувајте 10-15 минути предигра пред да преминете на пенетрацијата. Тоа е одлична можност да ги истражувате ерогените зони на вашиот партнер и тој да ги стимулира вашите.
Почувствувајте ја моќта на масажата. Оставете го вашиот партнер да ги покаже своите способности за масирање. Масажата ем ќе ве релаксира и ќе придонесе да ги заборавите своите грижи, ем ќе ги разбуди вашите фантазии и сетила. Таа ќе ви помогне да откриете каде сакате да бидете допрени.
Задоволете ги вашите сетила. „Разгалете“ ги вашите сетила затоа што тие имаат директно влијание врз вашето либидо. Слушајте музика што сте ја слушале кога вашата желба за секс била голема. Изберете арома која прави да дишете длабоко и да воздивнувате и купете етерично масло или свеќи со таа арома. Гледајте романтичен филм кој ќе ја стимулира вашата фантазија. Врзете му ги очите на вашиот партнер за да може да се фокусира на своите сетила.
Обидете се со романтично готвење. Договорете се со вашиот партнер заедно да го приготвите вашето омилено јадење или направете некој интересен десерт како чоколадно фонду. Тоа што ќе бидете блиску еден до друг во кујната ќе ви ја разгори желбата за поголема интимност. За илјадници парови делува, па вреди да пробате и вие.
Верувајте дека храната е голем афродизијак. Меѓу храната и сексот отсекогаш постоела врска. Храната делува како афродизијак ако ги стимулира „љубовните“ сетила за вид, мирис, вкус и допир. Вклучете во вашето вечерно мени малку темно чоколадо, мед, авокадо, бадеми или смокви. Јадете морска храна како остриги или зачинете ја вечерата со босилек и ѓумбир.
Не ги заборавајте витамините. Внесувајте доволно витамин Ц, витамини Б, витамин Е, цинк и магнезиум. Се смета дека тие витамини и минерали влијаат позитивно на желбата за секс.
Негувајте го вашето здравје. Доброто здравје е предуслов за добар секс. Најважните совети кои некој може да ви ги даде за зголемување на либидото се: спијте доволно, минимизирајте го стресот и практикувајте физичка активност. Ако не се чувствувате добро во своето тело, тогаш тешко ќе ви биде да се опуштите во рацете на партнерот.