Категории

Интервју со Виктор Апостоловски: „Ќе создавам музика полна со емоции па макар и да ме слушаат само 10 души“

Во специјално интервју за нашиот портал Среќа го имаме Виктор Апостоловски, музичката ѕвезда која за кратко време успеа да ја освои нашата музичка сцена. Позитивен, реален и секогаш искрен ни откри детали од својот приватен живот, нештата кои го прават среќен и испрати специјална порака до своите верни обожаватели.

Иако “те знаат“ како ти би се опишал себеси?
Среќно дете! Буквално! Реално и искрено, полно со позитива иако во реалност, баш поради овие особини сум погрешно сфатен! Живееме во еден свет каде лажни т.е. фиктивни личности и нешта се тренд, а реалноста е нешто од кое се повеќе се бега. Па затоа и лигавите луѓе се супер, а реалните се арогантни, пошто вистината боли. А луѓето не се свесни дека вистината ослободува и носи среќа, ама прво мора да те изнервира!

Како е твоето секојдневие имаш ли некоја рутина, со оглед дека не си во можност да патуваш и настапуваш?
Кога човек е заглавен на едно место и му е одземена секоја можност за заработка, сакал или не сакал, рутините сами си доаѓаат. Првото нешто што го правам кога ќе станам е смути! Една банана, замрзнати вишни и замрзнати јаготки, боровинки и млеко – мераци! После тоа имам простор да сработам нешто, па накај 17 часот ручекот е готов, па имам малку време за разонода во кое или играм кантер или гледам некое филмче. Потоа вежбам, туш, вечера и после или продолжувам да работам или си викам друштво, зависи како ќе се погоди!


Покрај музиката уживаш во фотографирање како ја негуваш таа твоја пасија?

Да ви кажам искрено, кога излегоа смарт телефоните, многу мразев сликање! Сега си тргнал некаде, патуваш или одиш на концерт или на одмор за да одмориш од секојдневието, а сите околу тебе со телефоните: “Застани овде! Сврти се малку надесно! Насмеј се!” и т.н… и некако ми беше одбивно сето тоа! Сакав да уживам во моментот! Е арно ама, со тек на време и ради склоп на околности, влегов во тој свет и сфатив дека ептен ми е пасија, а и дека имам око т.е. осет за тоа. Па секое слободно време го користам да чкрапнам некое сличе и да снимам некое интересно видео. И да бидам искрен, се повеќе ме влечи!
Прво сликав само природа, за моја душа, па потоа, луѓето шо ме пратат почнаа да бараат да ги сликам, па така, полека полека, влегувам и во тие води.

Како се соочуваш со предизвикот да твориш и создаваш музика во едно непредвидливо, виртуелно време на можности?
Чудно е! Имаш многу можности, бидејќи цел свет е онлајн, ама истовремено, цел свет е онлајн, шо значи конкуренција ти е буквално цел свет! А денешно време, бидејќи животот е тежок, никој не бара реален контент т.е. содржина! Сите бараат нешто лабаво, смешно или смотано за да се насмеат и олабават после тежок ден! Никој веќе не сака да слуша приказни во песните! Вниманието е сведено на 15 секунди стори, па така и песните! Ако е нешто кратко и ударно во текстот, без емоција, без израз, без разлика дали има поента или не, и ако ритамот вози, тогаш е топ! Ама ако земеш да раскажеш нешто шо ептен има смисла и тоа трае, без разлика каков е битот, ретко кој ќе ти ја слуша. Пошто никој не сака реалност, сите сакаат да чујат нешто за кое сонуваат и да си живеат во тој сон се дур реалноста не ги чукне. А јас доаѓам од време т.е. култура во која песните се израз на емоциите, а текстовите приказни со поента. Е таа транзиција е малце чудна. Не ми е тешко да бидам таков, еве правам пародии на тик ток што почнуваат да стануваат ептен вирални, ама едноставно не сакам да се помирам со фактот дека изумира емоцијата во музиката! Тоа ми е омилениот дел од работата и тој начин на творење никогаш нема да го сменам! Па макар и да ме слушаат само 10 души!


Дали имаш некој совет за сите оние кои се пронаоѓаат во твојата професија?
Еден тон! И кој сака може слободно да ме контактира на инстаграм или фејсбук и ќе се потрудам да ги упатам на прав пат! Во суштина, најбитно од се во животот е да го работиш тоа што го сакаш! Само така ќе бидеш среќен! Бидејќи реално, не постои сигурна работа или професија! Тоа е еден сон од еден стар систем кај шо сите фаќале некоја сигурна државна работа, па си земале сигурна пензија и тоа е тоа. За жал денес не е така! Без разлика која професија ја имаш и колку си добар во својата работа, во секој момент може некој да дојде и да ти каже: “Отпуштен си!”… И тоа без некоја посебна причина, туку ете онака, оти им се можи. Така што, кога веќе веројатно е да не успееш и во тоа што не сакаш да го работиш, зошто прво не ви му дал шанса на тоа што го сакаш?! Просто и едноставно 😁

Што за тебе претставува среќа – имаш ли дефиниција за неа?
– Среќа е да се избориш и работа и хоби да ти е тоа што најмногу го сакаш!

Велам да се избориш бидејќи не е лесен патот! Кога би бил лесен, сите би успевале во тоа! Ама ако се избориш, ако работиш напорно и искрено, посветено и со многу љубов и трпение, животот после тоа е за мерак! Тебе ќе ти биде тоооп! Без разлика дали “си успеал” во туѓите очи! И тоа е втората дефиниција:

– Олабај си го мозокот од сите општествени т.е. социјални стеги и “правила”. Во превод, ич да не ти е гајле шо мислат или шо ќе речат другите! Оти знаеш што?! Што и да направиш т.е. постигнеш, па макар и нов свет да создадеш, то што сака да ти најде маана ќе најде за што да се фати и пак ќе збора! Така што лабаво, вози си го филмот и уживај во животот!

 

Порака што сакаш да ја испратиш до твоите фанови!
– Прво сакам да им се заблагодарам шо се стално тука да чујат што имам да кажам, без разлика дали низ песна, на свирка, на лајв стрим или како и да е! Благословен сум да имам искрени следбеници кои ме следат веќе 10 години и тоа значи повеќе од било која купена бројка на одредени артисти! Сакам да им посакам уште многу убави моменти! Да продолжат да бидат такви какви што се! Да си ја негуваат пасијата! Да си го возат филмот! И да уживаат во животот!
И нормално, да слушаат македонска музика и да продолжат со ширење позитива и љубов! 

 

 

Интервју за Среќа.мк