Категории

#ИзлезиИДиши на Раса: Истражи ја околината на Скопје и учествувај во еколошката акција

Уште една иницијатива #ИзлезиИДиши не носи во околината на Скопје, стартот е од Матка која сите многу добро ја знаеме, но каква тајна крие околината на Матка?

Ова е тура за секого, првата етапа е лесна и соодветна за секој кој има желба да помине ден во природа, а и предизвик за оние кои сакаат подобро да ја истражат Осој Планина оваа недела, на 9ти април, водени од I love hiking – group Macedonia. Раса е од оние тури кои нудат повеќе опции – секој да се искачи до каде што сака и секоја екипа да си го помине времето онака како што сака, сѐ со цел турата да биде убава и лесна, а повеќе за настанот може да дознаете тука.

Иницијативата #ИзлезиИДиши не е само мерка против загадениот воздух, туку и мерка против високите параметри во нашите организми и начин тие да се доведат во ред.

Почетокот на турата е од кафеаната Мечкина дупка, каде може да пристигнете со приградски автобус или сопствен превоз, потоа се движи кон црквата Свети Спас, па Св. Недела, понатаму движењето е покрај резерватот Јасен од каде се продолжува кон врвот Раса (1359 мнв.).  Одењето на целата патека спаѓа во категоријата на средно тешки тури, но доколку физичката подготвеност ви дозволува лесна тура, може да направите пикник кај црквата Свети Спас.

Покрај планинарењето, планинарското и еколошкото друштво I love hiking – group Macedonia планира и спроведување на Еколошка акција. Имено, секој оној кој се грижи за природата и планината и кој сака да ја подигне еколошката свест на другите, ќе добие ќеса и ракавици за собирање неоргански и неразградлив отпад од планината. Оранизаторите најавуваат дека сите учесници во еко-акцијата ќе бидат„уловени“ од објективот на нашите фотоапарати, а сликите подоцна ќе бидат објавени на нивната страница. Среќникот од еко-фотката со најмногу лајкови ќе добие симболична награда (планинарска марама) и благодарница на некоја од следните тури.