Категории

Како да ги препознате симптомите поврзани со нарушувањата на тироидната жлезда кај новороденче: ВРОДЕН ХИПОТИРОИДИЗАМ

Вроден хипотироидизам е болест која се карактеризира со нарушување на функцијата на тироидната жлезда кај новороденчињата, а се јавува како последица на недостаток на тироидниот хормон од раѓање, обично од неактивна тироидна жлезда или кога истата недостасува. Причините за вроден хипотироидизам можат да бидат различни, како генетски мутации, инфекции и слично.

Статистиката вели дека оваа состојба се јавува кај околу 1 на 3.500 – 4000 бебиња и може да доведе до сериозни проблеми во менталниот развој на бебето. Според статистиката, оваа болест не може да се смета за честа, но секоја мајка треба да биде свесна за тоа.

Тироидната жлезда е од големо значење за работата на целиот организам, дури и кај новороденчиња. Таа е одговорна за контролирање на температура, метаболизмот, регулирање на маснотии, протеини и јаглени хидрати, рамнотежа, метаболизмот на калциум и, што е најважно, учество во формирањето на интелигенцијата.

Повеќето бебиња не покажуваат знаци или симптоми. И покрај јасните предности на скринингот при раѓањето, само 29% од новороденчињата ширум светот се опфатени со скрининг за конгенитален хипотироидизам. Вообичаените симптоми се потечено лице, зарипнато плачење, проблеми со хранењето, голем или дебел јазик, големи меки петна на черепот и запек.

Раната дијагностика е од клучно значење за развојот на новороденчето, бидејќи со навремен и соодветен третман, децата со вроден хипотироидизам се развиваат нормално.

Третманот се спроведува низ целиот живот, а состојбата на детето бара постојано следење. Правилна и континуирана терапија ќе му овозможи на детето нормален раст и развој, како и одржување на нормалните психофизички особини.