Веќе речиси три години Македонецот Блаже Аризанов (29) и неговиот ко-основач Санчит Сети, тежнеат да направат верзија на „љубовни хотели“ за краток престој како оние во Јапонија, наменети за итни средби во Индија.
Неговиот стартап „StayUncle“ е едноставна идеја со огромен предизвик. Признаен како еден од најиновативните стартапи во Азија. StayUncle e платформа преку која парови можат да си резервираат хотел за неколку часа, без да бидат предмет на морално малтретирање. Индиската култура е строга спрема невенчаните парови кои јавно ја покажуваат својата љубов.
Ваквото табу во Македонија и западниот свет можеби ни звучи смешно, но во Индија често има случаи на физички напади врз младите кои се противат на традицијата. „StayUncle“ го решава тој проблем така што им нуди приватност на вљубениот пар.
„Она што го нудиме е загарантирано. Нема чукање на врата, нема чудни погледи, нема прашања“, вели Аризанов.
„Од една страна не обвинуваат за морален хазард, растурање на бракови и деградација на вредности. Од друга страна буквално младите нѐ поплавуваат со пофалби, па дури и благослови, фидбек од типот – Ни го спаси животот, ни ја спаси врската. Чувството е неверојатно“.
„StayUncle“ компанијата остварила заработка од околу 3 милиони долари.