Категории

Како се поврзани пријателствата и среќата?

Пријателите се извор на смеа, оние кои нѐ враќаат во реалноста кога фантазираме за невозможни ситуации, рамо за плачење и друштво за споделување на најубави моменти. Иако некогаш платонските релации знаат да се комплицирани, како и сите релации, тие во голема мера ги збогатуваат нашите животи.

Најсреќните луѓе се најсоцијалните

Ed Diener и Martin Seligman се експерти во областа истражување на среќата. Нивните истражувања покажуваат дека при споредба на социјалните и антисоцијалните луѓе, оние со силно изградени пријателства биле многу посреќни. Всушност, добри социјални врски претставувале неопходност во среќата. Исто така, други психолози увиделе дека потребата за припадност е фундаментална во градењето на индивидуалната среќа.

Среќата е заразна

Ако наш пријател е среќен, и ние ќе бидеме. Истражување спроведено во Harvard Medical School, со 5000 луѓе во текот на 20 години, докажало дека среќата на една личност се шири низ социјалната група. Интересно е што тагата не е така заразна. Среќниот пријател ја наголемува шансата Вие да сте среќни за околу 15%, а тажниот пријател ја намалува Вашата среќа само за 7%.

Со пријателите разговараме за битни работи

Сите ние зборуваме и за небитни работи со нашите пријатели, но кога имаме нешто сериозно за споделување, имаме некој на кој можеме да се потпреме. Тоа е битно, бидејќи истражувања спроведени од страна на Psychological Science во 2010, покажуваат дека луѓето со поголеми нивоа на среќа и добробит, имаат повеќе содржински богати разговори.

Разговараме со пријателите кога сме под стрес

Ова е особено точно за жени, според истражувачите во UCLA. За жените е поверојатно да побараат социјална поддршка (најчесто од страна на други жени) отколку за мажите. Поради тоа и стресот полошо влијае врз мажите, отколку врз жените.

Пријателите ни помагаат да се чувствуваме оптимистично

Истражувачите викаат дека дневната социјална поддршка е клучен фактор во чувството на оптимизам. Оптимизмот го наголемува задоволството од животот и го намалува ризикот од депресија. Друга студија, објавена од страна на Journal of Experimental Social Psychology, покажала дека кога ќе се чувствуваме дека имаме поддршка, субјективната перцепција на предизвиците се менува – слонот изгледа како мравка.

Пријателствата го подобруваат нашето здравје

И тоа на повеќе од еден начин! Прво, луѓето кои имаат социјална поддршка, е поверојатно дека ќе се придржат кон план на исхрана и вежбање отколку оние кои немаат. Понатаму, најмалку социјално интегрираните луѓе имаат два пати полоша меморија од оние кои се дружат. Социјалната поддршка, исто така, ја спречува или намалува депресијата. Осамените луѓе, исто така, имаат повисок крвен притисок и други ризик фактори за срцеви болести, и поголеми се шансите дека би престанале да се борат со стресор како болест.

Пријателите ни помагаат да живееме подолго

Погоре споменавме дека жените почесто бараат социјална поддршка од мажите. Шведска студија тврди дека оние мажи кои всушност ќе решат да побараат помош, живеат подолго. Пријателствата, не само што ни го подобруваат животот, туку и ни го продолжуваат. На пример, жените кои имале барем една блиска пријателка, поминале подобро по операција за рак на дојка. Еден преглед на 148 студии вика дека луѓето со посилни социјални врски имаат 50% помал ризик за смртност.

Ако се наоѓате во осаменички период или сте презафатени со работа, земете здив и поканете некој пријател на кафе. Последиците се неверојатно убави.