Категории

Кога талентот, желбите и делата ќе се спојат

Младата уметница Моника Ризовска ја одржа и својата втора самостојна изложба насловена како “The morning after”, а Srekja.mk беше сведок на одлична дружба исполнета со многу топлина, ведрина и автентичност.

Ризовска е енергична девојка, полна со ентузијазам, желба и идеи за нешто ново и поинакво и токму тие карактерни црти ги наслика и на своите дела.

Настанот беше исполнет со изненадувања, ситни слатки елементи и подароци за спомен. Посетителите имаа можност да ги видат прекрасните и емотивни слики под кои стоеше инспиративна приказна за мотивот.

Зошто токму “The Morning After”?

Често творам навечер и вистинскиот впечаток за она што го цртам – го добивам токму утрото откако ќе отспијам и ќе се разбудам, тогаш се станува и појасно впрочем како и за сите други работи.

Кои се твоите очекувања од оваа изложба?

Се што правам е со цел во најмала рака да инспирирам некого и да пренесам позитивна енергија. Моите слики се доста колоритни и живи и особено драго ми е што знам дека ќе продолжат да ја шират својата енергија.

Од каде ја црпиш својата инспирација и како ја оддржуваш истата?

Од луѓето што ме опкружуваат, а ја оддржувам со тоа што постојано учам, читам, патувам, среќавам инспиративни луѓе, ментори со кои споделувам и се инспирирам од нивните идеи и методи кои ги вметнувам во мојот начин на цртање. Досега имав чест да бидам дел од ликовни колонии, уметнички натпревари, интернационални и домашни групни изложби, тренинзи и работилници  каде добив признанија и што е уште поважно, запознав истакнати наши уметници но и уметници од Америка, Германија, Турција и Швајцарија од кои и до ден денес учам и сум во контакт. Уметноста за мене е повик за постојана потрага по нова инспирација, учење и мотив за акција испреплетена со емоции во боја.

Што е следно ни најавува Моника Ризовска?

Во подготовка се уште многу интересни и креативни проекти, а она што е најскоро е голема распродажба на мали платна и слики кои ќе бидат објавени на први март овој вторник – утро по завршетокот на изложбата. Секој ќе има можност да купи слики и елементи по мошне прифатливи цени за подарок за некоја драга личност или за себе.

Следете ги новостите на нејзината фан страна за производите на Art of Monika Rizovska и нејзината веб страна, а наскоро и на Srekja.mk!

Она што ја направи оваа изложба поразлична покрај самиот концепт е комбинацијата на светилки со уметнички платна, саати и амбиентално светло во нејзиниот препознатлив стил. Моника понуди и целосна колекција на чашки, пернички, ламби и саати во знакот на Wanderlust, збор кој и е особено драг бидејќи ја опишува нејзината постојана желба и предизвик за нешто ново.

Покрај тоа што ја негуваш својата дарба ти си присутна и на многу други полиња, можеш ли да ни откриеш повеќе и за тоа?

По природа сум навистина љубопитна, прониклива и секогаш жедна за нови знаења па оттаму произлегува и желбата за мој активен ангажман на повеќе полиња. Досега професионално сум била ангажирана како маркетинг специјалист, тренер на академиите за дизајн по предметите „Ликовни елементи„ и „Принципи и теорија на боја„ во Сеавус едукативен и развоен центар, како организатор на настани, тренинзи, креативни работилници и ментор на настани поврзани со дизајн и технологија. Членувам во невладини и непрофитни организации од кои во моментот најактивно сум вклучена во Girls in Tech како дел од управниот одбор каде што имавме успешни настани, а спремаме и уште многу нови настани и проекти, но за тоа во друго издание.

Во продолжение погледнете ја галеријата со фотографии …

Прегледи:
1215
Објавено на:
28.02.2016