Категории

КОЛКУ ГЕНЕТИКАТА ВЛИЈАЕ НА ВАШИТЕ КИЛОГРАМИ?

Колку се важни гените?

Повеќето од нас не се светски спортисти, па генетиката не ни е толку важна. Од една страна, нам ни е полесно отколку на спортистите затоа што имаме помали очекувања. Повеќето од нас не се обидуваат да победат на маратонска трка, туку да успеат да ја истрчаат – скоро секој може да вежба за да го постигне тоа. Или сакаме нашиот тим да го победи спротивниот тим за одбојка на плажа, каде што никој нема време или пари за да тренира и да стане професионален одбојкар.

Генетската предност можеби е мала, но на повисоките нивоа оваа мала предност може да ја направи разликата помеѓу добивање златен медал и гледање на Олимписките игри од дома затоа што не сте се квалификувале. Спортистите со добра генетика дополнително ја нагласуваат со напорни тренинзи за да постигнат подобри резултати, додека рекреативните спортисти се главно водени од самото вежбање, искуство и подобар изглед и расположение.

Зошто не постои едноставен генетски тест?

Генетиката е сложена. Од 20.000 човечки гени, само стотина се проучени, а само десетина се внимателно проучени, за нивната улога во вежбањето. Само затоа што знаеме дека некој ген постои, не значи дека разбираме како функционира или што го активира.

Главната работа што ја знаеме е дека улогата на генетиката е комплицирана. На пример, земете ја висината. Студија објавена во Европското списание за човечка генетика во 2009 година вели дека висината на човекот може полесно да се предвиди со мерење на висината на неговите родители, наместо со тестирање и анализирање на 54-те гени кои знаеме дека влијаат на висината.

Значи, иако постојат генетски тестови за гените поврзани со фитнесот, не се многу корисни. Еден од овие гени е наречен ACE, и некои негови верзии се поврзани со вежбањето и издржливоста на спортистите. Друг ген е ACTN3, кој е поврзан со мускулната моќ и брзото трчање. Постојат различни мислења за тоа дали одреден резултат на еден од овие тестови е од значење. Може да придонесе 1 до 2% на целокупниот перформанс. Според резултатите, компаниите ќе ви предложат одредени спортови кои ќе ви одговараат, но научниците не го поддржуваат ова.

Исто така, тестирањето не е препорачливо за деца. Затоа што резултатите од тестот кажуваат многу малку за тоа кој спорт ќе му одговара на детето, не е добро тоа да се наведува кон одреден спорт што не му се допаѓа само поради генетиката. Ако сте возрасни и сакате да се тестирате затоа што сте љубопитни, тоа е во ред, но не ги менувајте вашите навики за вежбање само затоа што некој генетски тест ви го кажал тоа.

Како да дознаете кој спорт ви одговара?

Затоа што тестовите нема да ви откријат многу, најдобриот начин за да го откриете вашиот талент е да го погледнете вашето семејство и вашите претходни искуства. На пример, ако родителите ви се атлетичари, многу е веројатно и вие да трчате брзо. Потпрете се и на вашите претходни искуства. Ако трчате брзо, но не можете да трчате на подолги растојанија, оставете ги маратоните и посветете се на кратките трки.

Програмите за вежбање најчесто траат неколку месеци, па по некое време можете да видите дали одреден пристап ви одговара. Не ја обвинувајте генетиката за сите ваши проблеми. Трудете се повеќе и подолго. Каква и да ви е генетиката, вежбањето никогаш не е залудно. Скоро сите ние можеме да се подобриме со време.

1 2

Прегледи:
679
Објавено на:
21.03.2016