Категории

Македонија има со кого да се гордее: 8 медали и едно второ место за тимот од Специјалната олимпијада во Абу Даби

Тимот на Специјалната олимпијада Македонија составен од пливачите, атлетичарите, кошаркарите и нивните тренери, освоија 8 медали и второ место во латино танци на летните олимписки игри во Абу Даби.

Возбудени и пресреќни од своите успеси, тие покажаа дека доколку им се даде можност и услови можат и знаат како да редат успеси, а тоа го докажаа со блескавите медали со кои се закитија за време на натпреварувањата коишто се одржуваа од 14 до 21 март.

18-годишниот Марио Мицковски освои два златни медали во пливање, истакнувајќи се на 25 метри грбно и 50 метри слободен стил. Во пливање на 50 метри слободен стил, златен медал освои и 21-годишниот Стефан Трпковски. Двајцата пливачи беа тренирани од Горан Андоновски.

Ардијан Шабани со два медали ги заврши трките во Абу Даби. 22-годишниот атлетичар со неговиот тренер Ифраим Љута се радуваа на сребро на 25 метри и бронза на 50 метри.

Сара Дураку може да се пофали со два бронзени медали. 14-годишната атлетичарка го освои третото место на трките на 50 и 100 метри.

Кошаркарската репрезентација, водена од тренерите Дејан Дојчиновски, Ана Котевска и Раша Петровиќ, ја победи Буркина Фасо со резултат 24:18 за да стигне до бронзен медал.

Успесите ги заокружи самбата на Јулијана Петровска. Второто место во танц таа го освои благодарение на нејзината професорка Евгенија Трифуновска.

Нашата делегација беше водена од Елена Зисовска.