На 3-ти и 4-ти септември по 9-ти пат, а оваа година во онлајн формат, се одржа регионалниот натпревар „Зелени идеи“. Во текот на двата дена учесниците од 7 земји се натпреваруваа во категориите „Зелени концепти – поддршка до 5.000$“ и категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000$” за една од петте награди на натпреварот. Македонската зелена идеја „Вајс адитив“ на Софија Дацева победи во категоријата „Зелени идеи – поддршка до 10.000$“ и стана седмата македонска зелена идеја која е наградена на регионално ниво.
Покрај македонската идеја „Вајс адитив“, на 7-ми септември меѓународното експертско жири за победници со поддршка до 10.000$ ги прогласи и идеите „Чистење на Медитеранот (Mediterranean Cleanup) од Грција и „Градот и јас (City and Me)“ од Србија, додека поддршка од 5.000$ добија идеите „Зелени школски денови (Green School Days)“ од Грција и “Рачни изработки Ринора (Rinora Handmade)“ од Албанија.
„Би сакала да изразам голема благодарност до целиот тим на АРНО за константната поддршка и шансата за учество на регионалниот натпревар. Наградите од националниот и регионалниот натпревар ќе ни помогнат да го оптимизираме веќе развиениот производ на мултифункционален адитив од комиње. Посебно сум среќна што ВАЈС Адитив беше избран како еден од победниците на Balkan Green Ideas 2020 и се надевам дека во иднина како земја ќе продолжиме да се движиме во насока на развој на бизниси кои имаат зелена компонента.“ – изјави Софија Дацева.
Речиси една деценија, натпреварот „Зелени идеи“ поддржува воспоставување и развој на успешни бизнис идеи во регионот на Западен Балкан и Грција. Овој регионален натпревар, исто така, континуирано ја поддржува улогата на филантропијата во ангажирањето на локалните заедници за развивање на зелени бизнис идеи што ги користат локалните ресурси и ги ревитализираат исчезнатите традиционални синџири на производство во локалните заедници. Ова е петти пат македонските зелени идеи да се наградени на регионално ниво, и досега вкупно 7 македонски победнички идеи имаат освоено по 10 000 долари за реализација на зелените бизниси.
„Уште еднаш докажавме дека во нашата земја има оригинални зелени идеи, млади лица кои посветено работат на подобрување на зелената и социјална економија во нашата земја. Овогодинешниот регионален натпревар на зелени идеи имаше огромна конкуренција на идеите и за честитање е што токму наша идеја е меѓу првопласираните победници. АРНО го администрира овој натпревар веќе 6 години по ред, токму затоа што како организација веруваме дека ваквите активности помагаат за развивање на малите локални бизниси, а со тоа се придонесува кон развој на социјалното претприемништво и зелената економија во нашата земја. Упатуваме голема благодарност до жири комисијата на овој натпревар, медиумите кои секогаш не’ поддржуваат, на нашите национални победници и на сите идеи кои учествуваат и придонесуваат за континуиран развој на овој натпревар.“ – изјави Ивона Крстевска од АРНО.