Категории

Македонскиот краткометражен филм „Борба за смрт“ на фестивал во САД

„Борба за смрт“, последниот филм на режисерката Елеонора Венинова влезе во официјална конкуренција на 43. издание на Атинскиот интернационален филмски и видео фестивал кој се одржува во Охајо, САД. Краткометражниот филм, кој беше завршен во јануари годинава, премиерно ќе биде прикажан токму на овој фестивал, што ќе се одржи од 4. до 10 април во Охајо, САД.

Од екипата на „Борба за смрт“ велат дека претставувањето на филмот на овој фестивал е важно, бидејќи тој е на листата на Американската филмска академија.

Според Гоце Кралевски, продуцент и монтажер, станува збор за фестивал чијшто победник се квалификува за учество во трката за најдобар краткометражен филм на „Оскарите“. – Вложивме многу труд и енергија и убаво е да се видат резултатите од нашата работа, додава тој.

Главни актери во филмот се Мите Грозданов и Илија Струмениковски, кои толкуваат ликови на двајца старци кои се расправаат за последното гробно место во едно запустено македонско село. „Борба за смрт“ е парадоксална драма која ги разоткрива дилемите за тоа што ќе се случи ако на човек, кој животот го свел на исчекување на смртта, одеднаш некој му го уништи планот за умирачка.

Сценариото за филмот минатата година освои награда за најдобро сценарио на „Драма пичинг лаб“, работилница која се одржува во рамките на Интернационалниот фестивал за краток филм во Драма, Грција.

Покрај режијата на филмот, Венинова се потпишува и како сценаристка на ова остварување. Директор на фотографија е Димо Попов, дизајнот на звук е дело на Дарко Спасовски, сценографијата e на Никола Ангеловски. Продукцијата е на  ДНФ ФИЛМС.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на Република Македонија.

Прегледи:
605
Објавено на:
21.03.2016