Категории

Мартинки, црвено-белите амајлии – ова е обичајот за нив

 

Патот на мартинките до УНЕСКО

Изработката и подарувањето мартинки на најблиските е традиција која во Република Македонија се почитува со стотици години. М-р Василка Димитровска, директор на ХАЕМУС, уште еднаш потсетува на обичајот поврзан со првиот ден на месецот март кој обединува повеќе делови од Балканот, како Македонија, Бугарија, Романија и Молдавија.

-На овој ден се подаруваат рачно направени амајлиии направени од црвен и бел конец. Овие амајлии се познати под многу имиња како: мартинки (Македонија), мартеница  (Бугарија), мартишор во Романија и Моладавија. И покрај тоа што обичајот на дарување мартинки во УНЕСКО официјално е заведен под името „Културните практики поврзани со 1 Март”, сепак, мора да напоменеме дека овие пролетни традиции опфаќаат обичаи кои постоеле уште од антички времиња и го означуваат прославувањето на почетокот на пролетта. Според одредени археолошки докази, самата традиција на правење мартинки се смета дека е од претхристијанско потекло и таа се состои од изработка, подарување и носење на две нишки,  црвена и бела, кои се испрепрелетуваат и се проследуваат со позитивни желби од страна на оној кој ја подарува мартинката. Потоа, кога ќе се види првото расцветано дрво, ластовица или штрк, мартинката се одврзува и со желбата на оној кој ја носи, се закачува на дрво или се става под камен, со што се затвора еден циклус во природата кој се однесува на овие пролетни обредни циклуси. Кај нас овој обичај уште се чува во Источна Македонија, посебно во Пијанец и делчевско, истакна Димитровска.

Еден од главните чинители во апликаците на УНЕСКО, особено кога се работи за нематеријално културно наследство е граѓанскиот сектор. За УНЕСКО, граѓанскиот или невладиниот сектор е од толку витално значење, што му се посветува подеднакво внимание, како и за сите други експертски работи, потенцира Димитровска.

– Важноста на ваквиот тип апликации во УНЕСКО е да се покаже поддршката од граѓанска организација и нејзино врмежување со државните институции, без која нема успешна и одобрена апликација во УНЕСКО за нематеријално културно наследство. Оттука, кога кон крајот на 2013 ни пристапија од Управата за заштита на културното наследство и од  Институт за фолклор и нѐ замолија се вклучиме во тековната мултинационална апликација во УНЕСКО и да ја поддржиме со нашите активности, ние со радост се согласивме. Со самиот чин на давање на писмена поддршка во 2014, ХАЕМУС директно се вклучи во правниот процес на апликацијата во УНЕСКО под име  „Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт”, кај нас познат како обичај на дарување мартинки, истакнува Димитровска.

Таа потсетува дека апликацијата претставувала многу сложен правен процес во УНЕСКО кој го потпишува Министерството за култура на една држава, го опфаќа и граѓанскиот сектор, но и државниот сектор, бидејќи не постои успешна апликација за нематеријално културно наследство во УНЕСКО доколку не се покаже вмрежување помеѓу секторите во обидот за зачувување на живата традиција.

-За да биде валидна апликацијата во УНЕСКО, своевремено покрај ХАЕМУС ја имаат поддржано и градот Струмица и градот Скопје и сите ние се имаме обврзано дека ќе го почитуваме и чуваме живото наследство на Македонија во сите облици кои ќе придонесат за негова поширока промоција. Секако, носители на ова нематеријално културно наследство се сите оние кои своеволно го практикуваат обичајот мартинки, вели Димитровска.

Нов живот на обичајот мартинките

Традиционалната манифестација „Среќна Баба Марта 2018“ оваа година се прави со поддршка од граѓанскиот, бизнис, но и од државниот сектор под мотото на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси.

Заради социјалната инклузивност на манифестацијата, склучен е договор со компанијата „Една може“ и ангажирни се самохрани родители кои ќе бидат дел од настанот. Тие ќе се фокусираат најмногу на креативните детските работилници за правење на мартинки. Исто така во дел од активностите на манифестација се вклучи и издавачката куќа „Арс Ламина“, со изработка на изданија за деца со наслов „МАРТИНКИ: конци, плетки и црвено-бели сплетки“ на македонски, англиски и албански јазик, како и сокреативни работилници преку едукативниот центар „Арс Ламина“ и книжарниците Литература.мк.

-Би сакале да упатиме благодарност до Министерството за култура за поддршката на нашиот настан бидејќи ја покажува сериозноста на една држава во поглед на заштитата на определено културно добро на своја територија. Исто така, сме благодарни и на поддршката која ја добивме од градот Скопје, бидејќи на овој начин, тие ја вреднуваат и ја признаваат посебноста на овој обичај кој во меѓувреме стана нематеријално светско наследство на УНЕСКО, а за чија апликација и самите се носители, рече Димитровска.

Во мототo на ХАЕМУС е хедлајнот за отворен и бесплатен пристап на знаењето на интернет. Скоро сите наши настани се интерактивни, аудио-визуелно се снимаат и потоа се подигнуваат на интернет за да послужат како едукативен материјал, а во исто време да бидат достапни за сите заинтересирани, во согласност со политиките на УНЕСКО за Отворени образовни ресурси.

Обичајот мартинки на први март се слави и по делчевските училишта, посебно во пониските одделенија и во градинките. Традиционално овде повозрасна жена облечена во народна носија им дели мартинки на дечињата и при тоа им го раскажува нивното значење и пораката која ја оставиле старите за да се пренесува на младите и да се одржи наследството со силна магиска порака испреплетена како црвените и белите конци на мартинките.

Извор : МИА

1 2

Прегледи:
913
Објавено на:
01.03.2018