Категории

На стадионот „Месталја“ во Валенсија има статуа на навивач кој не пропуштал натпревар иако бил слеп!

Клубот одлучил да ја овековечи безусловната поддршка на Висенте Наваро Апарисио кој ги следел натпреварите на Валенсија на истото столче на „Месталја“ иако бил слеп.

Фудбалот без навивачите е ништо, буквално ништо. Тие се срцето и душата на најпопуларниот спорт на светот, а следнава приказна за еден навивач на Валенсија ќе покаже дека ништо не е посилно од љубовта кон еден клуб.

Висенте Наваро Апарисио, долгогодишен фан на Лилјаците, поголемиот дел од животот го мина на едно место, седиште број 164 од редот 15 на централната трибина на „Месталја“. Тој присуствувал на многу успеси, но и падови на клубот, а не се откажал од својата сезонска карта иако на 54 години го загубил видот. Тој продолжил да присуствува на домашните натпревари само за да ја почувствува атмосферата на стадионот.

Господинот Висенте почина пред две години, а неговиот син ја продолжил оваа традиција и секоја година го обновувал неговиот сезонски билет. Тој му ја пренел љубовта кон Валенсија на својот син, а овој одлучил да го прави во негова чест. Но и клубот не остана рамнодушен на оваа приказна.

Имено, Валенсија постави статуа од починатиот фан токму на седиштето 164 во знак на благодарност на неговата безусловна поддршка. Ова е убавината на фудбалот и уште еден доказ дека без фанови, нема спорт.

Извор: Спортманија.мк

Прегледи:
791
Објавено на:
06.06.2019