Категории

Ова е докторот кој собира пластични шишиња за да ги лечи луѓето: Купил 3 ЕКГ апарати и бројна медицинска опрема!

Три ЕКГ апарати, апарати за притисок, апарати за инхалација – ова е само дел од медицинската опрема која ја купил докторот од Здравствениот центар Парачин и тоа со пари кои ги собрал собирајќи пластични шишиња.

Докторот Иван Божиновиќ (42) работи во службата за итна медицинска помош во Парачин и од 2013. година собира материјал за рециклирање, го продава на фирмите кои го обработуваат и сите собрани средства ги користи за купување апарати и материјал за здравствената установа во која работи. Секако, во оваа хумана акција не е сам – активно учествуваат неколку илјади негови сограѓани.

„Последната сума, со која купивме три ЕКГ апарати, апарати за инхалација, апарати за притисок и други медицински помагала изнесуваше околу шест, седум илјади евра, а ги собиравме околу една година. Очекувам следната уплата од фирмата за обработка на рециклиран материјал да изнесува помеѓу 300 и 400 илјади динари“, вели доктор Божиновиќ.

„Дојдов до оваа идеја откако сфатив колку пластика фрламе само во мојот дом. Помислив – зошто да не го претвориме тоа во нешто корисно? Пластичните флаши се ресурс кој е достапен за сите, а помошта им е потребна на многумина. Малку по малку почнав да собирам, а луѓето ми се приклучуваа. Почнавме со 500 семејства кои собираа флаши, а сега има 1.500 и сметаме дека ќе стигнеме до бројката 5.000“, објаснувал своевремено Божиновиќ.

Неговата цел е во наредниот период да обезбеди ултразвук, што чини меѓу 20 и 30 илјади евра, а долгорочниот план е да собере пари за скенер, чии цени се движат од 120 до 180 илјади евра, а поквалитетните се и уште поскапи.

„Не ми е важно да ме фалат и да кажат дека сум добар. Поентата е да имам најквалитетна опрема за да можам да им обезбедам на пациентите најдобра услуга. Да можеме што побргу да воспоставиме дијагноза, а тоа е во нашата работа најважно“, додал на крајот од разговорот докторот Божиновиќ.

Прегледи:
826
Објавено на:
17.07.2019