Категории

Овa се најважните проверки кои треба да ги направите на вашето возило пред да тргнете на пат

Месец јуни, завршувањето на учебната година и крајот на јунската сесија, се знаци кои ни го најавуваат почетокот на летото и летната туристичка сезона. Сега е време да се собере целото семејство и да се отпатува на заслужен летен одмор.

Овa се најважните проверки кои треба да ги направите на вашето возило пред да тргнете на пат. #ВозиОдговорно.

Доколку се одлучите со вашето семејство да патувате со автомобил, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштатата посочува совети, кои ќе ви го олеснат патувањето и ќе ви го направат попријатно и уште побезбедно.

Најпрво да започнеме со возилото.

Сервисот и техничката исправност се неопходни пред да тргнете на пат.

Проверете ги гумите. Пред секое патување прво проверете ги гумите. Дали се здрави или имаат поголеми механички оштетувања и дали притисокот на воздух во нив е според упатството од автомобилот. Гумата е единствениот контакт на вашиот автомобил со подлогата, односно со асфалтот и секогаш имајте на ум дека гуми кои се во лоша состојба можат да ве доведат во незгода. Совет на РСБСП е, секогаш кога застанувате на бензинска пумпа да ставите гориво, проверете го притисокот на воздух во гумите  и проверете ја и резервната гума. Доколку има механички оштетувања на некоја од гумите, однесете го автомобилот на вукланизер и оставете професионално лице да си ја заврши работата.

Проверете ги брисачите и течноста за брисачи. Најдобро е старите брисачи да ги замените со нови, особено ако сте ги користеле повеќе од два-три месеци. Секако дека во лето сите очекуваме времето да биде сончево и топло, но исто така, знаеме дека во лето има најмногу кратки, но силни врнежи, проследени со многу ветер, а понекогаш силниот дожд преминува и во град. Затоа, прво проверете ја гумата на старите брисачи. Доколку не е оштетена, права е и мазна и убаво „лежи“ на стаколото, тогаш е во ред, но доколку не ја отстрануваат водата од стаклото убаво и го „замачкуваат“ ветробранското  стакло ( шофершајбната), тогаш е време да ги замените со нови.

Проверете ги светлата и трепкачите. Светлата и трепкачите се особено важни за безбедното  одвивање на сообраќајот, а управувањето возило со неисправна светлосна сигнализација е казниво со закон.

Направете основна техничка проверка на автомобилот. Редовниот сервис и одржување на вашиот автомобил се неопходни и треба да бидат направени  во согласност со упатството од автомобилот и во согласност со бројот на поминати киломентри на возилото, но пред да тргнете на одмор, задолжително проверете ги маслото, филтерот за воздух, клима уредот и фреонот, акумулаторот и сопирачките.

Освен техничките проверки, во подготовките на автомобилот за долго патување  неизбежно е и внатрешното чистење. Хигиената и естетиката се важни во овој случај, но уште поважно е што стара кутија, шише од вода или лименка може да се најде околу вашите нозе и да предизвика хаос во управувањето на автомобилот.

Пред да тргнете на пат осигурајте се дека сопатниците, членовите на семејството, ќе бидат безбедни во текот  на целото патување. За децата до 5 годишна возраст обезбедете детско седиште кое најмногу му одговара, внимавајте да го наместите правилно и сигурносните појаси да се исправни и да се закопчуваат. Деца до 12 години седат на задните седишта на автомобилот и тие како и патниците на предните седишта треба да бидат заштитени со безбедносен појас. На подолгите патувања игрите на таблет или мобилен и музиката се добредојдена занимација за вашите деца, но настојувајте за време на нивната употреба да се служат со слушалки за да не ве деконцентрираат во возењето.

Доколку патувате со помали деца кај кои патувањето може да им предизвика мачнини или ги тера да повраќаат, освен сетот за прва помош кој задолжитетлно треба да го има во вашиот автомобил, понесете и сет за итна интервенција во случај на некој да му се слоши, составен од: хартија за бришење, влажни марамчиња, најлонски кеси (за замрзнување), големо шише со вода, миризливо масло од пеперминт или лаванда и кеси за ѓубре. Една или две капки од миризливото масло на ханзапласт залепен на нивниот зглоб на раката, може многу да им го олесни патувањето и да се чувствуваат подобро.

За возачот мобилниот телефон е забранет,  дозволено е да се раководи  со гласовен ГПС.

Не заборавајте да ја проверите батеријата пред да тргнете и со себе да понесете полнач за во автомобил.Што се однесува до домашните миленичиња, ако и тие патуваат со вас, потрудете се да бидат на безбедно во специјален затворен кафез, наменет за транспорт на миленици.

Внимавајте на багажот. Кога се подготвувате за летен одмор, земајте ги работите кои ви се  најнеопходни но не и да се претеруава со пакувањето и  да се товари  пола покуќнина. Затоа, ве советуваме да не ја правите оваа грешка. Претовар на автомобилот може да предизвика нерамнотежа на самото возило, а со тоа, при маневрирање на патот, возачот да изгуби целосна контрола над возилото и да се изврти или преврти. Внимавајте и задолжително  соодветно да го обезбедите  товарот.

Во случај да имате незгода или било каква несакана случка на патот, а да не се затекнете неспремни, секогаш имајте сет за итни случаи, составен од: тријаголник или конуси, џебна батерија, флуоресцентен елек, јаже за влечење, пумпа за гуми, кабли за  стартување на моторот на возилото, работни ракавици, неколку постари крпи за бришење на рацете, вода и храна што не се расипува, вода за пиење и  неопходните лекови.

Пред да тргнете на пат, одморете се и наспијте се. Патувајте кога температурите се пониски и внимавајте  на останатите учесници во сообраќајот. Летно време бројот на мотоциклисти, велосипедисти и пешаци е зголемен на патиштата, а нивото учесвто и нивните права во сообраќајот се еднакви како и вашите. Бидете пример  за вашите деца и покажете повисоко ниво на лична одговорност и  дадете поголем личен придонес за побезбеден сообраќај.

РСБСП ви посакува  безбедно патување и пријатен семеен одмор.

Прегледи:
510
Објавено на:
29.06.2016